Нови тетратки, ранец, моливчиња, пенкалца, но и табла со 64 полиња и 32 црно-бели фигури. Вака школската година ќе ја започнат македонските првачиња кои ќе го одберат шахот како изборен предмет за нивен подобар развој.
Шахот во образованието може да донесе големи предности за децата од најмала возраст, тврдат голем број педагози. Северна Македонија од 1 септември со почетокот на новата учебна година ќе го воведе шахот како изборен предмет за прво и второ одделение, станувајќи една од триесетината земји низ светот кои ја воведоа древната игра во училишните клупи.
Придобивките за учениците се многубројни меѓу кои подобрување на концентрацијата и меморијата, математичките вештини и читањето, логичкиот начин на размислување, креативноста и критичкото размислување, градење на аналитички вештини и подобрување на вештините за решавање на проблеми, посочуваат од Шаховската федерација на Македонија.
Наставата ќе ја вршат одделенските наставници по програма која ја подготви федерацијата, а ја одобри Бирото за развој на образованието. Наставниците не треба да се шаховски велемајстори за да може да предаваат, туку ќе бидат обучувани од овластени шаховски тренери.
Кои земји го воведоа шахот во училиштата?
Во регионот, само неколку земји имаат изборен предмет шах. Во Србија шахот е изборен предмет од 2007 година, во Црна Гора е укинат и повеќе не се изучува, додека пак во Босна и Херцеговина се води дебата дали е потребно да биде дел од образовните програми.
Шахот се изучува и во Бугарија, додека пак Европскиот парламент во 2012 година ја повика Европската комисија да ги охрабри своите членки да воведат шах во училиштата и да обезбедат средства за тоа.
Ерменија е засега единствената земја во светот каде шахот е задолжителен предмет во образованието. Оваа поранешна советска република и во минатото имаше легендарни играчи, како Тигран Петрозијан, мајсторот на позициската поставеност познат по жртвувањето фигури. Петрозијан беше светски владетел во 60-те години.
Рецептот ќе го усвои и Грузија која од новата учебна година ќе воведе задолжително изучување на шахот во училиштата. Женската шаховска селекција на Грузија освои сребрен медал на последната Олимпијада. Во овие две земји шахот се следи како и најпопуларните спортови и се навива за шаховските селекции и играчи.
Од првиот потег до светска доминација
Шахот, врвот на популарноста ја достигна во екот на Студената војна, кога се водеше силна битка на таблата помеѓу американскиот најталентиран играч Боби Фишер и плејадата на шахисти од Советскиот сојуз, кои дотогаш доминираа на светските првенства и олимпијадите.
Денес, шахот повторно е во „мода“. Најпрво за време на пандемијата додека траеја карантините многумина играа шах онлајн откривајќи забавна игра за да го пополнат времето и да прават нешто корисно, но и со хит серијата „Дамин гамбит“ на Нетфликс по која се случи вистинска експлозија на нови играчи, па онлајн сајтовите ги надминаа капацитетите на серверите.
Сепак, во врвот на спортот, само неколку земји покажуваат вистинска доминација. Во последните десетина години апсолутен владетел е актуелниот светски првак Магнус Карлсен. Тој иако потекнува од Норвешка, земја која не спаѓа во традиционалните шаховски велесили, е најверојатно најталентираниот шахист кој некогаш постоел, многумина дури го величаат повеќе и од Каспаров и од Фишер.
Вообичаените победници, шахистите од земјите на поранешниот СССР и натаму се на врвот, но ги изгубија сите досегашни соочувања за светската титула со Норвежанецот. Покрај Русија, САД, Украина, Ерменија, Азербејџан, и Грузија најмногу велемајстори има се повеќе од Индија благодарение на популарноста на екс првакот Виши Ананд, а во последно време пробив прави и Кина.
Германија која нуди можност за изучување на шахот во училиштата сѐ уште заостанува зад најдобро рангираните шахисти во светот, односно имаат само еден претставник во топ 100 играчите според ФИДЕ.
Земјите каде има врвни шахисти исто така се потпираат на приватни школи и клубови за тренирање на талентираните деца уште од најмала возраст, па многумина од нив веќе на 15-16 години се стекнуваат со титула велемајстори на шаховската игра.