Шахот важи за најпрестижната умствена игра на дрвена табла која има традиција подолга од 2.000 години. Некои го прифаќаат како спорт, а други само како друштвена активност, но секој е согласен дека шахот ја карактеризира чесноста, доблеста, истовремено има „нула“ физички контакт со противникот. Но, по шокантниот натпревар меѓу актуелниот светски шампион Магнус Карлсен и младиот велемајстор во подем Ханс Нимен, и шаховската арена стана „брутална“.
Да потсетиме, на Сингфилд купот, шаховското продиџи победи со црни фигури, а потоа светскиот шампион се повлече од турнирот, обвинувајќи дека не сака да игра со измамници.
По се изгледа дека Нимен, 19 годишен велемајстор од САД најверојатно мамел во најмалку 100 партии шах на онлајн платформата chess.com, и тоа во турнири со парични награди, а 25 партии на кои мамел исто така ги пренесувал во живо на неговиот стриминг канал.
Извештајот „Ханс Нимен“
Најголемата онлајн платформа за шах неодамна објави извештај од над 70 страници, со бројни компјутерски анализи, податоци и детали за како што се сомневаат - измамничката кариера на младиот Нимен. Според нив, мотивот за онлајн мамењето е Нимен да го задржи високиот рејтинг и да биде спаруван со најдобрите велемајстори, а партиите да ги пренесува на неговиот стриминг канал на кој му расте популарноста. Извештајот го верификуваше и тимот на Вол Стрит Журнал.
Нимен призна дека мамел кога имал 12 и 16 години на онлајн натпревари, со помош на компјутерски програми, но никогаш во „живо“. Сепак, анализата покажува дека тој не бил докрај искрен во изјавите кои ги даде непосредно по неочекуваната победа над Карлсен.
По победата на Сингфилд купот, Нимен и Карлсен повторно се сретнаа, но овој пат во рамки на онлајн турнир. Карлсен ја предаде партијата по само еден одигран потег. Во официјалното обраќање преку Твитер, исто така ги повтори своите убедувања дека младиот противник мамел на таблата, дека во критичните ситуации воопшто не изгледал нервозно и напнато и дека во слична позиција многу посилни шахисти добро би се измачиле.
Сепак, анализата покажува дека во конкретниот меч нема докази за необични потези од младиот Нимен, едноставно светскиот шампион, свесен за можното измамничко минато на противникот одиграл лошо и под неговите очекувања, губејќи го мечот исклучиво од психолошки причини.
Како се мами во шах?
Иако се анализирани стотина онлајн партии на Нимен, за кои chess.com се сомнева дека се резултат на отворени повеќе интернет табови за користење помош од компјутерски програм, сепак за партиите на табла во живо нема конкретни докази.
Во минатото веле мајстори биле фаќани на дело со електронски уреди и телефони на кои гледале потези предложени од компјутер или пак им биле испраќани сигнали од нивните тренери.
Но, конкретниот меч кој го преврте светот на шахот немаше никакви докази за електронска помош, што го потврдија организаторите, иако на интернет се ширеа небулозни теории за „скриени импланти“. Ниту пак официјалниот истражувач на ФИДЕ кој користи компјутерска анализа со човечка ревизија не утврди дека Нимен бил нечесен со Карлсен или пак во претходните турнири.
Тоа што многумина збуни е огромниот број на онлајн партии на Нимен со „100%“ прецизност на потезите, подвиг кој не го постигнал ниту легендарниот Боби Фишер во најдобрите години.
Која „фигура“ ќе биде жртвувана?
Од една страна силно е повредено егото на убедливиот шампион Карлсен, кој се смета за најдобриот шахист на сите времиња, да биде „понижен“ на таблата од 19 годишен тинејџер. Но, од друга страна ваквите сомнежи може засекогаш да ја оцрнат кариерата на Нимен, најверојатно многу талентиран шахист кој брзо се катапултираше во листата на најдобрите 50 шахисти во светот.
Нимен доби целосна забрана за онлајн натпревари на шаховската платформа chess.com, а потоа беше отповикан и од значаен турнир на кој играат најдобрите. Засега шаховската федерација на САД не донела одлука дали ќе му забрани да се натпреварува бидејќи е дел од американскиот шампионат.
Исто така ниту светската шаховска федерација не презела конкретни мерки против Нимен, туку само го казни Карлсен затоа што се повлече од Сингфилд турнирот по спорната партија.
Карлсен не планира да ја брани светската титула, препуштајќи им го мечот на рускиот велемајстор Јан Непомнијачи кој му беше главен предизвикувач, како и на второпласираниот од кандидатскиот турнир Динг Лирен, велемајстор од Кина.
Тоа што загрижува е дека на chess.com биле фатени уште најмалку 30 велемајстори од кои еден во топ 100 класата. Неговиот идентитет е сокриен и кога признал дека мамел посочил дека му било досадно.
Со ваквите откритија се фрлаат сомнежи за шахот како игра, па дури и спортско натпреварување, по огромната популарност која ја стекна во последните две години, привлекувајќи милиони нови играчи ширум светот.