Младите од земјите на Балканот кои не се дел од Европската Унија во просек имаат 30 години кога одлучуваат и можат да го направат чекорот за иселување од семејниот дом , осамостојувајќи се со сопствено живеалиште. Тоа е значително над просекот во Европската Унија, каде младите на 26 години веќе се осамостоени.
Сепак, и помеѓу земјите членки постојат разлики. Највисок е просекот на истокот и југот на континентот, додека пак во Скандинавија, Балтикот и Западна Европа младите релативно брзо го напуштаат родителскиот дом и тоа набргу по завршување на средното образование.
Речиси две третини од македонските млади и натаму се под ист кров со родителите, додека истото важи само за една третина од младите на пример од Данска, Холандија или Норвешка, стои во проценките на Пју центарот за истражувања.
Исто така се проценува дека расте и бројот на млади од САД, Канада, Велика Британија и Австралија кои живеат со родителите или баби и дедовци што е најмногу одразено кај „милениумската“ генерација. Некои истражувања во развиените економии сметаат дека овој феномен е без преседан споредено со минатото.
Над две третини од младите на Балканот делат дом со родителите
Според Студијата за млади на Фридрих Еберт Штифтунг во Албанија 80% од младите и натаму живеат во домовите на родителите.
Истражувањето покажало дека за повеќето млади, дури и за тие кои се финансиски ситуирани, и без оглед дали се од урбана или рурална средина живеењето со родителите им е попрактично и поедноставно решение. Само 17 отсто од младите би избрале да живеат сами ако тоа им го дозволуваат финансиските средства.
Србија како и остатокот од земјите од Западен Балкан исто така има висок процент на млади кои живеат заедно со родителите, најмногу поради високите цени на недвижностите во големите урбани градови, долгото чекање за прво вработување и ниските почетни примања на младите.
Првите самостојни чекори на над 30 години
Младите во Црна Гора имаат речиси 34 години кога го прават првиот чекор за сопствен дом, сами или со нивните партнери и се на самиот врв на европски нации за потребното време за осамостојување од родителите, според податоците на Статиста.
Словенија која е членка на ЕУ, успеа да го намали просекот под 30 години за осамостојување на младите, додека пак во Хрватска и натаму се задржува просекот од 33,3 години за првото иселување од домот на родителите.
Над 30 години имаат и младите во просек кога почнуваат самостоен живот во Бугарија и Грција, додека пак на најмлада возраст од 19 години првите самостојни чекори ги прават младите од Шведска, во Финска тој чекор се презема на 21 годишна возраст, додека пак во Естонија на 22 години во просек, стои во анализата на Евростат.
Потешко до сопствен дом
Растот на цените на станбениот кредит, високите трошоци за градежни материјали за изградба на куќа, како и поскапувањето на цените на градежните парцели исто така се очекува да влијаат врз осамостојувањето на младите.
Високата инфлација во земјите од Западен Балкан и стагнацијата на личните примања ќе придонесе за одржување на високиот просек на млади кои не може да изборат финансиски за самостоен живот без поддршка на родителите.