Воен конфликт, ембарго, атентат врз еден претседател, друг загинат во авионска несреќа, обид за државен удар, инфлација, приватизација, сменето знаме и уставно име.
Низ сето ова мина државата која изминатите 33 година е позната под три имиња. Од Република Македонија, преку Поранешна Југословенска Република Македонија до Република Северна Македонија. Земја која повеќе од три декади се спротивставува на различни оспорувања.
Референдум за независност
Пред 33 години на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава Македонија. Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија. Важни чекори за утврдување на државноста беа усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, монетарното осамостојување и воведувањето на денарот на 26 април 1992, формирањето на сопствени вооружение сили.
Потврден меѓународно-правниот субјективитет
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, беше примена како 181. полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија.
Проблеми и тешкотии Низ 33-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии. Троцифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат.
Атентат, воен конфликт, Рамковен договор, авионска несреќа
Во 1995, на 3 октомври се случи и атентатот врз поранешниот претседател Киро Глигоров. Мотивите и сторителот се уште не се познати. Атентатот врз првиот македонски претседател и еден од најзаслужните што земјата по мирен пат ја обезбеди својата самостојност внесе дополнителна тензија не само во земјата, туку и во целиот регион.
2001 година со сигурност ја смени траекторијата по која државата се движеше до тогаш. Повеќемесечниот оружен конфликт однесе многу животи, а заврши со потпишување на Рамковниот договор. Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година меѓу најголемите политички партии во земјата и специјалните претставници на Европската Унија и Соединетите Американски Држави (САД).
Со Договорот формално заврши конфликтот и се постави основата за зајакнување на правата на Албанците во земјата, како и на останатите помалкубројни етнички заедници меѓу кои Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и останатите.
Три години потоа, во 2004, во авионска несреќа кај Мостар загина претседателот Борис Трајковски. Во несреќата животот го загубија и двајца членови на екипажот и осум членови на кабинетот.
Спорови со соседите Спорот со Грција поради името, по долгогодишни разговори под покровителство на Обединетите нации, конечно беше решен на 17 јуни 2018 година во Преспа со попишување договор меѓу двете држави. Со тоа се отвори патот на земјава кон НАТО и ЕУ. На 27 март 2020 година Северна Македонија стана 30 членка на НАТО. Како земја кандидат за членство во ЕУ веќе 20 години, со добиена прва препорака за почеток на преговори во 2009 година, државава сега се соочува со блокада од Бугарија.
Спортските успеси причина за обединување
Спортот е една од работите која ги обединува граѓаните изминатите триесет и една година без разлика на нација и вера. Двојната европска круна на Вардар во ракомет, онаа Кометал Ѓорче Петров уште во 2002, пласманите на кошаркарите и ракометарите меѓу најдобрите пет во Европа, настапот на фудбалерите на ЕУРО 2020, олимпиското сребро на Дејан Герогиевски во Токио беа примери преку кои спортистите им покажаа на политичарите како најдобро се претставува државата.