Во ноември 2022 година Обединетите нации (ОН) објавија дека светската популација достигна 8 милијарди. Само во последните 11 години на светската популација се додадени 1 милијарда луѓе. Според проекциите за населението на ОН, светската популација ќе се зголеми на 9 милијарди до 2037 година и се очекува да достигне приближно 10,4 милијарди луѓе во 2080-тите.
Ова се глобалните податоци, но каква е ситуацијата во Северна Македонија? Според истражувањата, населението во земјата се намалува. Покрај зголемувањето на светската популација која е причината за намалувањето на населението во Северна Македонија? Она што е главната првична за намалување на населението во земјата според многумина е миграцијата, која се смета за еден од главните фактори за ваквата состојба.
Континуирано се зголемува бројот на лица иселени во странство
Податоците од Миграцискиот атлас на Заедничкиот истражувачки центар на Европската Комисија покажуваат дека oд 2005 година, континуирано се зголемува бројот на лица кои се иселиле во странство. На пример бројот на македонските граѓани во странство во 2010 година беше 527.000. Пет години подоцна, во 2015 година, оваа бројка се зголеми на 563.000. Четири години подоцна, односно во 2019 година оваа бројка изнесуваше 658.000, а само една година подоцна бројката се зголеми на 693.900.
Луѓето мигрираат од различни причини. Насоката на миграцијата е кон Европа, а Германија е една од државите во која македонската младина ја гледа својата иднина.
Високи плати но и политичките фрустрации главни причини за иселувањето
Според одредени истражувања во изминатиот период, спроведени во 2019 година, 75 отсто од младите на возраст од 15-29 години ја напуштаат земјата поради ново работно место кое нуди повисока плата. Барањето подобри услови за живот и посигурна иднина (36%) е уште една причина за мигрирање. Голема улога има и револтот на оние кои се недоволни и ги охрабруваат своите најблиски среќата да си ја бараат во странство. Но, не се работи само за повисоки плати и потрага по подобар живот. Исто така, младите не се задоволни од политичката состојба во земјава. Според истражувањето 36% се незадоволни од политичката состојба во земјата.
Социјалниот живот е исто така меѓу причините кои предизвикуваат миграција. Околу 15 отсто од граѓаните заминале за да се придружат на член од семејството или затоа што мигрирале нивните пријатели.
Кога станува збор за младите тогаш треба да се зборува и за високото образование и за тоа во кои земји младината преферира да го продолжи образованието. Според податоците на УНЕСКО за 2020 година вкупен број на мобилни студенти во странство е 5.804. Според ова, Словенија е земја која најмногу ја преферираат македонските студенти. На второто место е Бугарија, потоа доаѓа Туркије. Иако е познато дека Германија е меѓу омилените земји за работа и живот за македонските граѓани, за продолжување на образованието младите избираат други земји. Според оваа листа, Германија е на четвртото место.
Северна Македонија меѓу првите 10 во светот по одлив на мозоци
Иселувањето на младите во странство со себе носи и одлив на мозоци. Затоа Северна Македонија e меѓу десетте во светот по одливот на мозоци. Всушност тоа важи и за другите земји во регионот.
Според извештајот за глобална конкурентност објавен од Светскиот економски форум (СЕФ), Босна и Херцеговина (БиХ), Хрватска, Северна Македонија и Србија се меѓу највисоко рангираните земји со најголем одлив на мозоци во светот.
Што е следно?
Прашањето за миграцијата не е проблем само на Северна Македонија и на регионот. Овој феномен е прашање од глобални размери, но овој факт не ги спречува надлежните да направат нови реформи во земјата за намалување на иселувањето, особено на младата популација. Во овој контекст, исклучително важно е политичарите да создадат нови можности за да младите можат да имаат перспектива. Во тој поглед важно е да се напомене и дека според проекциите на ОН, доколку продолжи овој тренд на иселување до 2050 година во земјата ќе останат околу еден милион жители.
Автор: Ѓулсум Мустафова