Грамофонските плочи се повторно во мода. Љубителите на квалитетна музика не штедат средства да дојдат до квалитетен примерок со кој би ја збогатиле својата музичка колекција. Податоците на светско ниво велат дека продажбата се мери во милијарди долари.
Американското здружение на дискографска индустрија пресметало дека продажбата на винилите во 2024 година пораснала за 17 проценти. Приходите од продажбата изнесувале 740 милиони долари.
“The Tortured Poets Department” на Тејлор Свифт е најпродаван винил во светот во 2024 година со 1,5 милиони примероци. Најпродаван албум во историјата е “Трилер” на Мајкл Џексон со 70 милиони продадени копии. Додека “Candle in the wind”, на Елтон Џон посветен на принцезата Дијана е најпродаван сингл во 40 милиони копии. .
Костиќ: Винилите го означија просперитетот на популарната музика
Има ли подобар соговорник на оваа тема од човекот кој зад микрофонот како радио водител и новинар поминал повеќе од 15 000 часа и зад кого стојат повеќе од 14 000 радио емисии. Драган Б. Костиќ е еден од најголемите колекционери на винили на овие простори.
“Винилите се оние кои означиле просперитет на популарната музика ширум светот. Без оглед што дигиталното време носи некои нови предизвици, носи некои нови можности и достапност до многу повеќе луѓе одошто на времето. Но не се дел од историјата бидејќи не можат да се складираат. Едноставно едно е да кажеш го имам музичкото издание на тој и тој во џеб, а друго е да го покажеш музичкото издание. Историјата сепак бара и некој артефакт видлив опиплив”, вели Костиќ.
Диско селектор 40 години во етерот
Тој е жива музичка енциклопедија. Автор и водител на музичката радио емисија Диско селектор која се емитуваше од 1974 до 2014 година. Неговата друга емисија “Заборави ако можеш” има 4661 издание.
Раскажува како во минатото снгловите за емисиите ги добивал преку пријатели од Лондон. Репер му било списанието “Рекорд Мирор”.
“Јас веќе го имав тука во четврток или во петок. Во сабота се јавуваа моите пријатели од Лондон, имаа исто такво списание пред нив и јас за да не губам време само им кажував бројки 7, 8, 12, 15 ,33, 45. Тие ги заокружуваа, одеа во продавница, ги купуваа сингловите, вечерта ги испраќаа, јас веќе во понеделник или вторник ги имам”, објаснува Костиќ.
Со набавката на одредени плочи го врзуваат и анегдоти за пиратски примероци. Како онаа со момчето пред стоковната куќа во Трст.
“Вика имам пиратски албум на Стинг, на Полис. Не сум чул јас за таков пиратски. Па не можете да чуете бидејќи е снимен во живо во Милано. Го снимаа мои пријатели и ние на еден начин пиратски го направивме во еден мал број плочи. Албумот е наполно бел и со фломастер, не е отпечатено, со фломастер е напишано Полис”, раскажува долгогодишниот новинар.
Книгите и кариерата како диџеј
Костиќ е автор и на две книги посветени на осумдесетите години од минатиот век кои ги смета за најплодни. Добитник е на награди во земјата и странство. Ги поседува сите носачи на звук произведени во историјата. Почнувајќи од цилиндарот од 1910 година.
Има околу 20 000 винили, 14 000 синглови кои ги преслушал, стручни списанија, компакт дискови, касети, карти од концерти од легендарни бендови и изведувач од целиот свет. Во неговиот дом биле гости бројни изведувачи од екс ју просторите како Здравко Чолиќ и членови на Бијело Дугме.
Дел од својот работен век Драган Б. Костиќ го минува и како ди џеј. Пред скоро време на голем настан ја одбележа својата клупска диџејска кариера на кој спои многу генерaции.
На првиот настап како диџеј во раните седумдесети години од минатиот век во Скопје и денеска со радост се сеќава.
“Работев во еден клуб Пилот, на влезот на населбата Белимбегово денешен Илинден. Под масата на којашто беа два грамофони кои беа далеку од сите стандарди кои се за дискотеки, да погодиш ти песна на почеток, да не чекаш да дојде до почетокот, а народ да игра значи си требал да имаш извежбана рака”, вели Костиќ.