Коцев до неодамна служеше во македонската армија, каде бил дел од специјалните единици, служел на мисии во странство, и секаде достојно ја претставувал униформата, но и македонската култура / Photo: TRT BALKAN

Војничката професија е една од најценетите во општеството, а македонската јавност и натаму има најголема доверба во Армијата како институција. Но, дали сте се запрашале низ што минува еден професионален војник кој целиот живот го поминал во униформа, откако ќе „ги закачи чизмите“.

Станува збор за специфична трансформација од војничкиот во цивилниот живот и многу војници едноставно одбиваат да разговараат јавно и отворено на оваа тема.

„Скоро цел живот го поминав во униформа од моја 18-та година. Тоа се околу 35 години. Ги поминав сите инстанци во армијата, од војник на служење воен рок како питомец, и активен офицер 30 години“ вели пензионираниот мајор Роберт Коцев, ексклузивно за ТРТ Балкан.

Коцев до неодамна служеше во македонската армија, каде бил дел од специјалните единици, служел на мисии во странство, и секаде достојно ја претставувал униформата, но и македонската култура.

Тој преминува во цивилниот живот како уметник и ракотворец, хобија кои ги развива подолго време, за како што вели „да го амортизира стресот од тешката професија“.

„Започнав во време на Југославија, во 1988 година служев воен рок, во 1989 година се запишав на Воена академија во Белград. Не успеав да ја завршам поради распаѓање на системот и армијата и морав да се вратам со завршена тригодишна воена школа. Во 1994 година завршив на македонската Воена академија. Од 1994 година сум активен воен офицер, се до оваа година, или точно 30 години и 7 дена“, вели Коцев навраќајки се на неговата професионална кариера.

Стресот на војничката професија се амортизира со уметност

Коцев изработува уникатни обработки на дрво на кои им наоаѓа практична примена. Голем број од овие изработки завршиле во витрините на војници од САД, Туркије, Грузија, Азербејџан, Полска и многу други армии со кои служел заедно за време на мисиите во странство.

„Интересно движење во кариерата имав, знаете воената професија е стресна, секогаш се сретнуваш со разни предизвици, поминав еден стресен период при распаѓањето на Југославија кога не се знаеше ни што ќе биде ни како ќе биде, каде ќе завршиш, дали ќе останеш само со три години воена академија“, вели пензионираниот офицер.

„За среќа за мене се добро се заврши. Убаво ја почнав кариерата. Потоа дојде 2001 година и учествував во конфликтот една година. Потоа бев припадник на специјалните единици десетина години во Ренџерскиот баталјон, и на крај кариерата ја завршив во логистичка база во една помирна, тивка единица“, вели Коцев за неговата војничка епопеја.

Дополнува дека „секој еден од нас, поготово кога си припадник на една ваква стресна професија, има потреба од насочување на енергијата во друг правец во слободно време заради амортизирање на стресот“.

На сите ни е дадена дарба, треба само да се пронајдеме

Вредностите стекнати во армијата може да се пренесат и во цивилниот живот, а уметноста е силен мотив. За Коцев уметноста дошла многу спонтано, и кога сфатил дека поседува уметничка енергија решил тоа да го искористи.

По неколку години на изложби, саеми за ракотворби и промоција на неговите дела, сега конечно има сопствен галериски простор, во кој се сместени изработките и интересните предмети на кои е страствен колекционер.

„Целта ми е да привлечам внимание, да ги поканам луѓето, да дојдат во галеријата и да уживаат, дали се наши сограѓани или странски туристи, особено странските туристи за да им ја презентирам македонската култура, да видат каде сме ние, каква историја и традиција имаме“, порачува Коцев.

Додава дека дисциплината и психо-физичката способност му помогнале да успее во уметничкиот дел, затоа што и уметноста е многу тешка, многу одговорна, бара многу прецизност и многу предизвици.

На сите луѓе преку оваа моја дејност, мојата уметност, сакам да им пренесам порака дека секој од нас има дарба за нешто, Господ му дал некоја идеја, некоја, дарба, само треба да се пронајдеш каде припаѓаш.

TRT Balkan
Популарни