China UN Biodiversity / Photo: AP

Над еден милион животински и растителни видови се под закана од целосно исчезнување. Загубите на биолошката разновидност се со поразителни параметри во последните 50 години, во најголем дел како последица на човечкото негативно влијание.

Без бидиверзитет ќе се намали достапната храна за луѓето, како и изработката на лекови и пристапот до природни ресурси.

„Природата е изворот на нашето постоење. Природата, вклучително и Земјата, ни го обезбедува воздухот што го дишеме, храната што ја јадеме и лекот што не лекува. Но, оваа сложена симфонија на животот е соочена со пропаст. Се предвидува дека промените во начинот на кој ја користиме земјата ќе имаат најпогубно влијание врз биолошката разновидност до 2100 година“, предупреди Ибрахим Тиау извршниот секретар на Конвенцијата на Обединетите Нации за борба против опустинувањето (УНЦЦД).

Од договор до акција

Годинава Обединетите нации го одбележуваат меѓународниот ден на биолошката разновидност под темата „Од договор до акција“, алудирајќи дека по постигнувањето на договори за заштита на природата по долготрајните преговори и тешко постигнати компромиси, сега на ред се конкретни чекори за нивно имплементирање.

Главен инструмент на светско ниво за заштита на биодиверзитетот е Конвенцијата на Обединетите нации донесена во 1992 година која е потпишана од 196 држави. Од неодамна е надополнета со Глобалната рамка за биолошка разновидност Кунминг-Монтреал која опфаќа четири цели и 23 акциони точки кои треба да се исполнат до 2030 година.

Со оваа рамка се воспоставува механизам за поддршка на домородните и локалните заедници кои активни го штитат биодиверзитетот и природата како и останатите групи кои работат со нив.

Со рамката е предвидено да се покрие 20% од земјината површина, каде се наоѓа 80% од целиот биодиверзитет на планетата.

Освен мерки за заштита, предвидени се и активности за враќање на биолошката разновидност и намалување на стапките на исчезнување на видовите предизвикани од човечко влијание.

Сепак, главниот предизвик е земјите потписнички да го исполнат ветеното и преземените обврски кои стојат на хартија и да преземат конкретни чекори за сочувување на природните живеалишта, намалување на степенот на експлоатација на природата, загадувањето и заштита на животната средина од катастрофални влијанија на климатските промени.

TRT Balkan
Популарни