Изборот на исхраната во последните неколку години значително се промени во големи држави како Индија, Мексико, Јужна Африка и Шпанија, каде бројот на вегетаријанци се намалил гледано според податоците од претходната анкета направена за 2018-2019 година.
Три години подоцна видлив е падот на бројот на вегетаријанци, особено во Индија од 32,7% од населението на 25,5% граѓани кои се изјасниле како вегетаријанци, според глобалната анкета за потрошувачи на Статиста.
Генерално повисоките стапки на намалување на бројот на вегетаријанци се бележи во земјите во развој. Освен во Индија, се помалку луѓе кои диетата не им вклучува месо има и во Кина. Во најбројната земја во светот во претходната анкета вегетаријанци биле речиси една десетина од населението, а сега за периодот 2021-2022 година бројот е преполовен и вегетаријанците бројат само 5.4%.
Во Мексико бројот на вегетаријанци минимално се намалил од 2,6% на 2,4% од населението, додека пак во Шпанија исто така за нијанса има пад на бројот на вегетаријанци до 2.1%.
Во последните три години и натаму бројот на вегетаријанци се зголемува но, претежно во развиените земји. Во САД има двојно зголемување 2.9% до 5.1%. Интересно е што за САД, според анкетата на Галуп голема улога во изборот на диета без месо има и политичката или партиска идеологија. Така во нивното истражување се покажало дека повеќе вегетаријанци има меѓу демократите отколку кај републиканците.
Нов бран на вегетаријанци е забележан и во Велика Британија и Германија каде нивното учество изнесува над 6% додека пак во Јужна Кореја се бележи првиот поголем раст на бројот на вегетаријанци и сега изнесува 2.5%.
Изборот на вегетаријанска или веганска исхрана е мотивиран од различни причини, во некои земји тоа се верски, културни или цивилизациски мотиви, а во други земји на пример поверојатно е дека младите под 50 години се заинтересирани да се откажат од месото во исхраната.
Исто така социо-економските услови играат голема улога во одредувањето на исхраната, па така за изборот на вегетаријанството влиае и целта за заштита на животните, природа но, и намалување на емисиите на стакленички гасови од фармерската индусутрија, сметаат истражувачите.