Пластичниот отпад се разградува за период од 20 до 500 години / Фото: AP

Во почвата и водата завршуваат 400 милиони тони пластичен отпад годишно. Прогнозите се дека до крајот на 2050 година ќе се создаваа над 1 милијарда тони годишно.

Ова загадување предизвикува нарушување на цели еко-системи, а во форма на микропластика завршува во храната за луѓето што е сериозна закана по здравјето.

Практично и опасно

Една од главните предности на пластиката е истовремено и нејзина најголема маана, а тоа е долготрајноста. Разградувањето на пластичниот отпад трае од 20 до 500 години.

Пластичниот отпад речиси со 40% е застапен од пластиката за пакување и производите од пластика за една употреба. Од оваа количина на отпад речиси 85% не се рециклира и завршува на депониите каде се затрупува.

Речиси сите видови пластика за една употреба се произведува од фосилни горива, што дополнително влијае врз климатските промени и дополнително ќе го зголемува трошењето за справување со последиците од влијанието на јаглеродот.

Што треба да се преземе?

За да се подигне свеста за проблемот со пластиката за една употреба и прекумерното производство на пластика од фосилни горива, како и да се мобилизира политичка и општествена волја за промени, годинава светскиот ден на животната средина е посветен токму на овој проблем.

На 50 годишнината од првото одбележување на Светскиот ден животната средина, главната порака е „ајде да се подобриме“ за да го „поразиме“ пластичниот отпад.

Во одбележувањето на 5 јуни се вклучени Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП) и организациите „Да го поразиме пластичното загадување“ и „Светски ден на животната средина“, заедно со учество на партнери од речиси целиот свет.

Покрај досегашните мерки за намалување на пластиката за една употреба и за пакување исто така планирана е нова рамка за која се водат преговори преку меѓувладиниот комитет на УНЕП каде има застапници од над 170 земи членки на ОН, а исто така како набљудувачи се назначени претставници на невладиниот сектор.

TRT Balkan / агенции
Популарни