Океаните ни даваат половина од кислородот на планетата, а се повеќе се загадуваат/ Фото: TRT Balkan

Досегашната експлоатација на океаните довела до уништување на 90% од големите риби и речиси половина од коралните гребени. Ваквото темпо на искористување на водните ресурси во светските океани е неодржливо бидејќи ќе доведе од целосно исцрпување на биодиверзитетот.

На 8 јуни преку Обединетите нации се одбележува Светскиот ден на океаните како последна надеж за постигнување глобален договор кој ќе овозможи обнова на природниот свет во водата.

Без океаните нема живот на „сината“ планета

Океаните се значајни бидејќи произведуваат најмалку 50% од кислородот на планетата.

Исто така океаните се клучни за светската економија со оглед на бројот на луѓе кои се директно вработени во океанската индустрија, а чиј број до 2030 година се очекува да достигне до 40 милиони луѓе.

Океаните се важни и за справувањето со климатските промени бидејќи апсорбираат околу 30% од јаглеродниот диоксид произведен од човекот. Воопшто целиот систем на струи, климатски влијанија, температурата на океаните, хемискиот состав се основните темели на кои функционира планетата и без кои не би имало соодветни услови за живот.

Океански политики: Плимата и осеката се менуваат

Обединетите нации преку резолуција во 2008 година го наметнаа одбележувањето на Светскиот ден на океанот и ја формираа Светската океанска мрежа, додека пак секоја агенција поврзана со одржливоста и животната средина работи на посебни аспекти на регулација на употребата на океаните како ресурс и нивна заштита.

Годинешното мото на одбележувањето на Светскиот ден на океанот е дека се менуваат плимата и осеката алудирајќи на потребата од промени.

„Морската биолошка разновидност е под закана од прекумерен риболов, прекумерна експлоатација и закиселување на океаните. Над една третина од рибниот фонд се лови на неодржливо ниво. Нашите крајбрежни води ги загадуваме со хемикалии, пластика и човечки отпад. Но, овогодишниот Светски ден на океаните не потсетува дека плимата и осеката се менуваат“, порача Антонио Гутиереш генералниот секретар на ОН.

Најважни следни чекори ќе бидат исполнување на договорот за крајбрежни заштитени подрачја, постигнување договор за справување со пластичниот отпад кој во голема мера е закана за морскиот живот, како и спроведување на договорите за контрола на риболовот.

TRT Balkan
Популарни