Глобалниот туризам, кој буквално беше клинички мртов за време на пандемијата од коронавирусот сега покажува знаци на повторно оживување

Глобалниот туризам, кој буквално беше клинички мртов за време на пандемијата од коронавирусот сега покажува знаци на повторно оживување и се враќа на нивоата пред пандемијата, но не секаде подеднакво. Во дел од балканските земји пак , овие бројки се надминати, а меѓу нив се Албанија, Северна Македонија и Србија.

Со затворените граници, полицискиот час и строгите мерки за патување, туризмот беше еден од оние сектори кои претрпеа најмногу штета од пандемијата од Ковид-19. Глобално, според проценките на Обединетите нации (ОН), штетата само во 2021 година изнесувала 2 билиони долари.

На Светскиот ден на туризмот, 27 септември, Светската туристичка организација на ОН (СТООН) ги објави најновите податоци за тоа како пандемијата влијаела врз туристичкиот сектор. Светскиот ден на туризмот се одбележува секоја година од 1980 година. Датумот ја одбележува годишнината од усвојувањето на Статутот на Организацијата во 1970 година, отворајќи го патот за основање на СТООН пет години подоцна.

Иако полека, но сигурно светот се враќа во нормала сепак штетите од пандемијата се уште се чувствуваат. Интересно е што некои региони во светот побрзо се враќаат на бројот на туристи од 2019 година, а некои региони во светот далеку поспоро.

ТРТ Балкан ви дава преглед на последните податоци објавени од Светската туристичка организација на ОН.

Година на „враќање во нормалата“

Меѓународните туристички пристигнувања се речиси тројно зголемени во периодот јануари-јули 2022 година, во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на Светската туристичка организација.

Околу 474 милиони туристи патувале на меѓународно ниво во првите седум месеци од оваа година, што е повеќе од 175 милиони во јануари-јули 2021 година. Претворено во проценти тоа е годишен пораст од 175%.

Така, меѓународниот туризам закрепна на речиси 60% од нивото пред пандемијата благодарение на зголемената побарувачка за меѓународни патувања, како и олеснувањето на ограничувањата за патување.

Генералниот секретар на СТООН, Зураб Пололикашвили, го истакна континуираното стабилно закрепнување на туризмот, притоа посочувајќи неколку преостанати предизвици, „од геополитички до економски“.

Според него, меѓународниот патнички воздушен сообраќај се зголемил за 234% во истиот период, но останал за 45% под нивото од 2019 година.

Европа примила 309 милиони меѓународни туристи во седуммесечниот период, достигнувајќи 74% од нивото во 2019 година.

Тоа е три пати повеќе меѓународни пристигнувања во споредба со периодот јануари-јули 2021 година.

Блискиот Исток покажа најбрзо закрепнување на меѓународните пристигнувања, скокајќи за 287% на годишно ниво во тој период од 2022 година.

Во јули, бројката ги надмина нивоата пред пандемијата за 3%, поттикната главно од верниците кои патуваа на аџилак во Саудиска Арабија.

Кои земји ја пребродеа пандемијата?

Меѓу дестинациите кои ги надминаа нивоата на меѓународниот туризам пред пандемијата во првите пет до седум месеци од оваа година се следните земји: Србија ја надмина бројката од 2019 година за 73 отсто; Судан за 64%; Романија за 43%; Албанија за 32%; Северна Македонија за 24%; Пакистан за 18%; Туркије, Бангладеш и Латвија сите со 12%; Мексико и Португалија со 8%, Кенија со 5%, и Колумбија 2%.

TRT Balkan
Популарни