Охридски рамковен договор: Документ за мултиетничка демократија / Photo: AA

Во Република Северна Македонија денес се навршуваат 22 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт во земјата и се поставија рамките за меѓуетнички соживот.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година меѓу најголемите политички партии во земјата и специјалните претставници на Европската Унија и Соединетите Американски Држави (САД).

На Рамковниот договор му претходеше меѓуетничкиот конфликт во 2001 година помеѓу Македонците и Албанците, двете најбројни заедници во земјата, според етничката припадност. Стотици луѓе од двете страни ги загубија животите, а десетици илјади луѓе беа раселени. Освен во северните и севоерозападните делови на земјата, судири помеѓу македонските вооружени сили и Ослободителната народна армија (ОНА), се случија и во близина на главниот град Скопје.

Со Договорот формално заврши конфликтот и се постави основата за зајакнување на правата на етничките Албанци во земјата.

„Се надеваме дека потпишувањето на договорот ќе биде поздравено како трајно решение, не само за излез од кризата, туку за изградба и просперитетот за нашата држава“, изјави тогашниот македонски претседател Борис Трјковски по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Што се постигна со договорот?

Со договорот е гарантиран унитарниот карактер на државата, но и беа унапредени правата на Албанците и другите помалубројни етнички заедници во земјата меѓу кои се Турците, Бошњаците, Ромите, Србите, Власите и други.

Во годините наназад, од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, донесени се законски измени и дополнувања, од кои најголем дел се закони за недискриминација и правична застапеност во институциите на државата, а дел од нив се во сферата на идентитетот, културата, образованието и децентрализацијата на власта.

Во договорот, беа вклучени и развојот на локалните самоуправи, недискриминацијата, правичната застапеност, спроведувањето на посебните собраниски процедури за прашања како што се јазикот, културата, образованието, симболите и идентитетот.

Покрај тоа, беше одлучено јазикот што го зборуваат повеќе од 20 проценти на етничките заедници да биде јазик за службена употреба во кој било град од државата, покрај македонскиот.

Со Законот за употреба на јазиците, усвоен во Собранието на 11 јануари 2018 година, се унапреди употребата на албанскиот јазик. Одредбите од овој закон стапија во сила една година подоцна, поточно на 15 јануари 2019 година.

Како дел од имплементацијата на договорот, беше формиран и Секретаријатот надлежен за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој беше дел од Владата во 2004 година.

Секретаријатот подоцна беше трансформиран во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Процес на мултиетничка демократија

Процес на мултиетничка демократија

Дваесет и две години подоцна остварени се повеќето од ставките од Охридскиот рамковен договор. Договорот се претвори во процес на мултиетничка демократија.

Од друга страна, политичките претставници на помалкубројните заедници низ годините наназад истакнуваат дека постои очигледна потреба од дополнителен ангажман на државата во остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на помалубројните етнички заедници во земјата. Особено, се истакнува нецелосното спроведување на правичната застапеност на помалкубронните етнички заедници во институциите на државата. Некои од политичките партии на помалкубројните етнички заедници во Северна Македонија сметаат дека меѓу другото, со Охридскиот рамковен договор треба да се заокружи промена на изборниот модел. Тоа според нив би се направило на начин заедниците во земјата да бидат подобро и поефективно застапени во политичкиот живот, особено во Собранието.

Во меѓувреме, Северна Македонија исполни една од своите две стратешки цели, стана членка на НАТО алијансата, а по двегодишната блокада од Бугарија, деблокиран е патот кон членството во ЕУ.

Процес за нови уставни измени

Сега, земјата на уште еден чекор кон патот на ЕУ, а тоа се уставните измени со цел ставање на Бугарите во преамбулата на Уставот.

Во македонското Собрание во рамки на Комисијата за уставни прашања на 25 јули започна процедурата за уставни измени. Интервенциите во Уставот, како што посочија од Владата, се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.

Пратениците од владеачките партии Социјал-демократски сојуз на Македонија (СДСМ), Демократската унија за интеграција (ДУИ), Либерално-демократска партија (ЛДП), ДОМ (Демократска обнова на Македонија), Алијанса за Албанците и другите помали коалициски партии ќе ги поддржат уставните измени. Сепак, потребното двотретинско мнозинство од 80 пратеници за уставните измени не е обезбедено поради противењето на опозицијата предводена од партијата ВМРО-ДПМНЕ, која е со став дека не треба да бидат поддржани измените на Уставот.

Пленарната седница за уставните измени претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери ја закажа за 18 август.

TRT Balkan
Популарни