Договорот го потпишаа тогашниот претседател Борис Трајковски, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери / Photo: AA

Денеска се навршуваат 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.

Годишнината од потпишувањето на Договорот, на одделни настани, денеска ќе ја одбележат власта и опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ).

Владата ќе одржи свечена седница со почеток од 13 часот, на која, според најавите, ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски, како и првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.

На владината седница ќе ѝ претходи панел-дискусија во Клубот на пратениците чиј организатор е Министерството за животна средина и просторно планирање и вицепремиерот и министер Изет Меџити. Настанот на тема „23 години од Рамковниот договор, децентрализацијата останува предизвик” ќе започне во 10 часот, а ќе продолжи вечерта со свечен прием во Музејот на современа уметност во Скопје.

Од ДУИ, пак, ценат дека централното одбележување на потпишувањето на Охридскиот договор е нивниот настан, кој за денеска во 12:00 часот го организираат во хотелот „Александар палас“ во Скопје.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Договорот го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

За успешна имплементација на договорот беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во основните принципи на документот се наведува дека „целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели“.

Турците, кои сочинуваат околу четири отсто од населението во земјата, велат дека „не им се дадени доволни права“ и покрај тоа што поминаа 23 години од Договорот.

Турците во Северна Македонија, кои се сметаат себеси за државотворни, сакаат да бидат позастапени на државно ниво, особено во локалната администрација.

Турците како „трета по големина заедница во Северна Македонија“ нагласуваат дека Охридскиот договор треба да се ревидира и дека во него треба да се вклучат и Турците.

TRT Balkan / агенции
Популарни