Главните актери во мировните разговори беа потписниците на Дејтонскиот договор - тогашните претседатели на БиХ, Хрватска и на Србија, Алија Изетбеговиќ, Фрањо Туѓман и Слободан Милошевиќ. / Photo: AA Archive

На денешен ден пред 27 години во воената база Рајт-Патерсон во градот Дејтон, во американската држава Охајо, парафиран е Општ рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина, попознат како Дејтонски мировен договор.

Со тој документ официјално е завршена четиригодишната војна, а Босна и Херцеговина е уредена како држава на три конститутивни народи и останатите, и два ентитети - Федерација на БиХ и Република Српска.

Потписници

Главните актери во мировните разговори беа потписниците на Дејтонскиот договор - тогашните претседатели на БиХ, Хрватска и на Србија, Алија Изетбеговиќ, Фрањо Туѓман и Слободан Милошевиќ. Сите три држави настанаа по распаѓањето на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

„Ова не е праведен мир, но е поправеден од продолжување на војната. Во ситуацијата каква што е, и во ваков светов каков што е, подобар мир и не можеше да се постигне", рече Алија Изетбеговиќ по церемонијата на потпишувањето на Дејтонскиот договор во Париз.

Овие зборови најдобро го претставуваат моментот во кој е усогласен Мировниот договор за Босна и Херцеговина.

Во моментот на потпишувањето, Дејтонскиот договор на граѓаните на БиХ им го донесе долго посакуваниот и очекуваниот мир. Истовремено, донесе и сосема ново уставно уредување на земјата, за кој, во моментот кога е потпишан, барем што се однесува до обичните граѓани во БиХ, малку кој размислувал во земјата во која смртно страдале повеќе од стотина илјади луѓе, повеќе од милион протерани од своите огништа или избегале во други земји, додека куќите, фабриките, училиштата, факултетите, инфраструктурата, културните и историските споменици беа уништени.

„Дејтонскиот мировен договор донесе крај на војната во Босна и Херцеговина и за тоа мораме да бидеме свесни, бидејќи, во времето кога е донесен, беше вест која едвај ја чекавме“, рече во изминатите години во интервју за АА, Игор Рајнтер, пратеник во Собранието на РБиХ во време на потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор во 1995 година.

„Не донесе ниту политичка, ниту економска целовитост на Босна и Херцеговина. Не донесе еден глас на Босна и Херцеговина во Европската заедница, односно ЕУ, ниту во меѓународните рамки. Ако тоа го анализираме тогаш мораме да подвлечеме една црта помеѓу она што беше, она што е сега, и она што ја чека Босна и Херцеговина во иднина. Секако, за генезата на самиот Дејтонски мировен договор, сега е беспредметно во тој дел да се разговара затоа што тој има многу свои недостатоци или зошто тој не е во потполност применет на територијата на Босна и Херцеговина“, изјави во изминатите години за АА Јусуф Пушина, поранешниот министер за внатрешни работи РБиХ и советник на претседавачот на Претседателството на БиХ Алија Изетбеговиќ.

Некогашниот член на Претседателството на Босна и Херцеговина и министер за надворешни работи на РБиХ во воениот период Харис Силајџиќ беше член на делегацијата на Босна и Херцеговина во преговорите за Дејтонскиот мировен договор. Претходно изјави дека Дејтонскиот мировен договор е креиран симболично во Босна и Херцеговина, но преку вооружување, војници, тенкови…

„Кога сме примени во Обединетите нации во мај 1992 година, тоа беше нашата последна шанса војната да биде препознаена како агресија врз државата, а не само на територијата. Добро е што во тоа успеавме“, нагласи Силајџиќ.

Придонес за договорот

Најголем придонес во креирањето на Дејтонскиот договор даде Ричард Холбрук, поранешниот заменик на американската државна секретарка Медлин Олбрајт, а со своето присуство гаранција му дадоа американскиот претседател Бил Клинтон, генералниот секретар на ОН, Бутрос Бутрос-Гали, поранешниот француски претседател Жак Ширак, тогашниот британски премиер Џон Мејџор, генералниот секретар на НАТО, Хавиер Солана, германскиот канцелар Хелмут Кол, рускиот премиер Виктор Черномирдин, како и шведскиот премиер Карл Билд, кој исто така беше ко-претседавач на мировната конференција во име на Европската унија.

Факти за договорот

Договорот се состои од 11 анекси, меѓу кој е и Анексот 4 - Уставот на Босна и Херцеговина.

Со него е потврден суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Босна и Херцеговина како држава. Одредено е БиХ да се состои од два ентитети, Федерацијата Босна и Херцеговина и Република Српска, и да ја сочинуваат конститутивни народи, Бошњаци, Срби и Хрвати, заедно со останатите. Пропишани се надлежностите на БиХ и ентитетите, како и односот помеѓу институциите на БиХ, но и начинот на измена на Уставот на БиХ.

Дејтонското уставно уредување стана еден од главните проблеми во функционирањето на современа БиХ, но и пречкa на патот кон евро-атлантските интеграции. Дејтонското уставно уредување стана пречка и на самото внатрешно функционирање на државата и предмет на спорење помеѓу политичките опции во врска со тоа како БиХ би требала да изгледа како држава во иднината и како би требало да биде нејзиното внатрешно уредување. Во изминатите години не е постигнат консензус за ниту еден предлог за уставните измени. Политичкиот јаз помеѓу политичките претставници во врска со измените на сутавното уредување на БиХ се одрази на сите сфери на животот.

Во босанско-херцеговскиот ентитет РС, во согласност со ентитетскиот закон за празници, денешниот ден, 21 ноември, се одбележува како Ден на воспоставување на Општиот рамковен договор за мир во БиХ и е неработен ден.

Во босанско-херцеговскиот ентитет Федерација на БиХ, денес е обичен работен ден, а за четири дена, на 25 ноември, со неработен ден ќе биде одбележан Денот на државноста на БиХ. Се работи за датум кога на заседавањето на Антифашистичкиот совет на народното ослободување на Босна и Херцеговина во Мркоњиќ-Град потврдена е државноста на БиХ во рамките на границите на тогашна Југославија.

TRT Balkan / агенции
Популарни