Заменикот министер за одбрана на Република Северна Македонија, Тирон Јајага денеска се сретна со началникот на Генералштабот на албанските вооружени сили, генерал-мајор Арбен Кинѓи кој на покана на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски престојува во официјална посета на Северна Македонија.
Заменикот министер Јајага порача дека средбите на највисоко ниво се одлична можност да се засили соработката и да се потврди силното пријателство и сојузништво помеѓу Северна Македонија и Албанија.
„Нашата билатерална одбранбена соработка е на највисоко ниво. И двете земји се насочени кон зацврстување на мирот и безбедноста во регионот, и преку активното учество во регионалните иницијативи како А5, СЕДМ, Бригадата на Југоисточна Европа, но и преку учеството во мисиите и операциите како КФОР и ЕУФОР – Алтеа. Северна Македонија ќе продолжи да ја поддржува Украина која има право да ја одбрани својата независност и суверенитет од руската агресија“, рече заменикот-министер Јајага.
Заменикот – министер во име на министерството и министерката Славјанка Петровска се заблагодари за посетата на генералот Кинѓи и албанската делегација на сојузничка Северна Македонија и изрази очекување како и во 2023 година, и следната 2024 година да се потпише План за билатерална соработка кој ќе служи како катализатор за развој на интероперабилноста, способностите и вештините на припадниците на двете сојузнички армии.
Претходно, генералите Ѓурчиновски и Кинѓи на меѓусебната средба разговараа за соработката помеѓу двете армии на две соседни земји и сојузници во НАТО и порачаа дека билатералната меѓуармиска соработка, која во континуитет е на високо ниво, придонесува кон безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко.
Армијата на Република Северна Македонија со вооружените сили на Република Албанија соработува од 1998 година кога беше потпишан и Договорот за соработка. Освен билатерално, двете земји соработуваат и во рамките на регионалните иницијативи како САД-Јадранската повелба, Форумот Б-9, иницијативата СЕДМ и Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG, Центарот за безбедносна соработка РАКВИАК и Балканските медицински наменски сили.