Интеграцијата во ЕУ сега е наша заедничка цел, додека за Република Северна Македонија е веќе апсолвирано членството во НАТО, така што од таа позиција даваме поддршка и за зачленување на Косово во Алијансата, порача претседателот на Комисијата за европски прашања (КЕП) Арбер Адеми, на денешната средба со Делегација на Комисијата за надворешна политика и дијаспора на Собранието на Република Косово, предводена од претседателката на ова работно тело Арбереше Криезиу – Хисени.
„На средбата со косовските пратеници во Собранието на РСМ, на која присуствуваа и други членови на КЕП, Адеми истакна дека Северна Македонија го поддржува членството на Косово и во другите меѓународни организации во кои веќе членува нашата земја, затоа што, како што рече, ние сме дел од Европа“, соопшти прес-службата на Собранието на Северна Македонија.
Косовската пратеничка Криезиу – Хисени, во своето обраќање, забележа дека Косово моментно е во специфична ситуација, односно на своевидна политичка крстосница, но дека, покрај се, општеството треба да се ориентира и кон други прашања кои се од интерес на државата.
Криезиу – Хисени рече дека очекува поддршка од РСМ и во процесот на зачленување на Косово во НАТО. Верувам, рече таа, дека ќе ве следиме на патот кон ЕУ, како и во другите меѓународни организации каде што сте веќе членки. Пратеникот Халил Снопче рече дека Северна Македонија и Косово како држави се во различни, но од друга страна и слични позиции во процесот на интеграција, посебно од аспект на односите со некои од соседните земји.
Пратеничката од Косово Тиме Кадрија забележа дека, и покрај предизвиците со кои се соочуваат двете земји на интегративниот пат, Северна Македонија е во поповолна позиција поради членството во НАТО.
Бахрим Шабани, како претставник на Бошњаците во Собранието на Косово, истакна дека тамошните немнозински заедници ги поддржуваат косовските институции и дека се интегрирани во системот од сите аспекти.
Во тој контекст, пратеничката Санела Шкриељ оцени дека и искуството на РСМ докажува дека инклузијата на помалите заедници е од посебно значење за развој на демократските процеси и за релаксирање на меѓуетничките односи. Унапредувањето на правата на сите заедници, рече таа, всушност е еден од битните сегменти на интеративниот процес.
Пратеничката Жаклина Пешевска оцени дека надворешниот притисок врз нашите држави во однос на интеграциите, веројатно, ќе беше послаб доколку постоеше внатрешен консензус.
Таа забележа и дека одолговлекувањето на процесот на зачленување во ЕУ придонесе за раст на евроскептицизмот во земјава.
Пратеничката Моника Зајкова, пак, рече дека би било добро Западен Балкан да се интегрира во пакет во ЕУ, затоа што на тој начин би се избегнале пречките со кои се соочуваат одредени земји поради односи со соседите.