Албанија и Европската унија во средата го потпишаа Договорот за безбедносно и одбранбено партнерство.
Договорот во Брисел го потпишаа министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Игли Хасани, министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Каја Калас.
На потпишувањето на договорот присуствуваше и албанскиот премиер Еди Рама, кој денеска престојува во посета на Брисел во рамки на Самитот на Европската Унија - Западен Балкан.
„Ова стратешко партнерство ќе ги зајакне нашите напори во борбата против хибридните и сајбер заканите, екстремизмот и дополнително ќе ги подобри нашите безбедносни и одбранбени способности, придонесувајќи за побезбедна и постабилна Европа“, објави албанскиот министер за надворешни работи Хасани на социјалните мрежи.
Како што наведе, со договорот е официјализирана проширената соработка во областа на безбедноста и одбраната меѓу Албанија и Европската унија.