Шпанија, Јужен Кипар, Словачка, Романија и Грција се пет од 27-те земји на ЕУ кои не ја признаваат независноста што Косово ја прогласи во 2008 година / Photo: AA

Албанија во петокот ја изрази својата поддршка за европскиот пат на Косово и ги повика петте земји-членки на Европската унија кои сè уште не ја признале да ја признаат независноста на Косово.

Лидерите на албанските државни институции, премиерот Еди Рама и претседателката на Собранието Елиса Спиропали денеска присуствуваа на заедничката седница на собранијата на Косово и Албанија во Приштина.

По тој повод тие го поддржаа европскиот пат на Косово и порачаа дека успесите на двете земји се „неразделни“.

Рама, цитирајќи го поранешниот претседател на Косово, Ибрахим Ругова, рече дека Албанците денес се на пат кон напредок, дека тие се најдинамичниот народ каде што живеат и имаат шанса да се приклучат на големото европско семејство со своите вредности.

„Ќе бидеме рака под рака, мировници и мирољубиви и ќе ги убедиме и најголемите скептици во ЕУ во апсурдноста на нивните резерви во однос на признавањето на Косово како суверена држава“, рече Рама.

Тој рече дека Албанија сака Косово да биде признаено од сите европски земји кои сè уште „не сакаат да ја прифатат неповратната и непроменлива реалност на нејзината независност“.

Рама зборуваше и за неговата загриженост во врска со независноста на Специјалниот суд за воени злосторства, каде што им се суди на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Како што рече, судот е независен, но стандардите зависат од судиите.

Претседателката на Собранието на Албанија Елиса Спиропали рече дека соработката меѓу двете земји е заемно стратешка и оти Косово е национален приоритет на Албанија и обратно.

Таа посочи дека и покрај секојдневните дебати, партнерството на двете земји е единственото средство за соочување со предизвиците.

„Ние веруваме дека само целосно и взаемно партнерство е единственото разумно средство за Тирана и Приштина да се соочат со своите предизвици во геополитичко опкружување кое понекогаш изгледа непријателско“, рече Спиропали.

Во контекст на интеграцијата на Косово во Европската унија, Спиропали ги повика петте земји-членки на ЕУ да ја признаат независноста на Косово, велејќи дека тоа е „неповратна реалност“.

„Конечното признавање, како неповратна реалност, зголемувањето на улогата на албанскиот фактор, стабилноста за мир и безбедност се наша должност, темел на нашата иднина“, рече Спираполи.

Шпанија, Јужен Кипар, Словачка, Романија и Грција се пет од 27-те земји на ЕУ кои не ја признаваат независноста што Косово ја прогласи во 2008 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни