Албанскиот премиер Рама: Откриено нафтено поле во Берат / Photo: AA

Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека е откриено нафтено поле во местото Шпираг во Берат.

На прес-конференцијата со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика на Албанија, Белинда Балуку, Рама рече дека ова откритие, кое го смета за важно, може да има историско влијание врз економскиот и социјалниот развој, но и врз во геополитичката и геостратегиската положба на Албанија“.

„Ние сме во многу напредна фаза во напорите што траеја речиси 10 години и пред конечно тестирање, кое е неопходно за да се процени стабилноста на притисокот на протокот на гас и нафта што може да се извлечат од под земја. Резервоарот е таму на 6.002 метри под земја. Дојдено е до резервоарот по многу тешко истражување поради геолошката формација на областа и по големото инвестирање поради повеќекратното кршење на сондите како резултат на геолошката формација“, нагласи Рама, додавајќи дека нема услови да можат да зборуваат за конкретни бројки.

Тој истакна дека откриената нафта е со највисок квалитет и, според него, ова е првпат да се случи во Албанија бидејќи, како што рече, „нафтените ресурси што биле откриени во минатото и кои биле користени и сѐ уште се употребуваат, се извори на тешка нафта“.

Рама нагласи дека според анализите направени од холандската лабораторија, нафтата откриена во Шпираг е нафта со ист квалитет како премиум нафтата на Саудиска Арабија.

„Очекуваната инвестиција и проектот што ќе се реализира започнуваат од 3 милијарди евра, а процената е дека до завршувањето на целата потребна инфраструктура откако ќе се започне со работа на серија дупчење за создавање на целиот комплекс неопходен за извлекување на ова богатство, ќе има 7 милијарди евра инвестиција во нашата земја. Оваа инвестиција предвидува изградба на целата инфраструктура и логистика за депонирање на резервата, нејзина поделба на гас, нафта и сулфур“, додаде Рама.

TRT Balkan / агенции
Популарни