Додик изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците

Претседателот на Република Српска Милорад Додик во четвртокот изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците во војната, но тој повторно негираше дека таму се случил геноцид.

Во интервју за новинската агенција на Република Српска, Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дебата пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.

Резолуцијата е поддржана од околу 20 земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница, каде што беше извршено најголемото воено злосторство на европско тло по Втората светска војна.

Водечките српски функционери од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.

„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН, бидејќи се што е напишано во неа е лага. БиХ не може да живее врз основа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна, а другата победничка “, рече Додик.

Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.

„Ако ни се укаже можност на 2 мај, венците ќе ги однесеме во Поточаре ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, но доби камен во глава и никој за тоа не одговораше“, истакна Додик.

Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница, сепак, нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.

Меѓународниот трибунал за воени злосторства извршени на територијата на поранешна Југославија донесе осум пресуди против водечки српски политички и воени функционери во кои тие масакрот на повеќе од 8.000 бошњачки мажи во летото 1995 година во областа на Сребреница и Жепа го нарекоа геноцид.

HINA
Популарни