Германскиот канцелар Олаф Шолц денес ја потврди поддршката на Германија за земјите од Западен Балкан и нивната интеграција во ЕУ.
„За германската Влада, брзата интеграција на шесте земји од Западен Балкан во ЕУ има стратешко значење“, рече Шолц на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.
„Би сакале да им посакаме добредојде на овие земји како земји членки во ЕУ што е можно поскоро. Затоа, напредокот на Албанија во процесот за членство во ЕУ е исто така многу добар сигнал“, рече тој.
Шолц изјави дека лидерите на ЕУ и земјите од Западен Балкан ќе се соберат во Тирана на 16 октомври на самит, како дел од иницијативата Берлински процес, за да разговараат за понатамошните чекори за унапредување на соработката и забрзување на интеграцијата на регионот во ЕУ.
Германскиот канцелар, исто така, ги зголеми очекувањата на ЕУ од земјите од Западен Балкан за членство, нагласувајќи дека се потребни дополнителни реформи за зајакнување на владеењето на правото, слободата на печатот и борбата против организираниот криминал.
Германската Влада ги засили своите дипломатски напори кон Западен Балкан во последниве месеци, стравувајќи дека руско-украинската војна може да предизвика нестабилност во регионот.
Откако беше домаќин на самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан во Берлин минатиот ноември, Шолц рече дека руската војна против Украина довела до промени во геополитичките проценки и ја зголемила важноста на Западен Балкан за Европа.
Рама рече дека тој и неговиот германски колега разговарале за некои аспекти од економскиот, финансискиот и социјалниот живот на Западен Балкан, како и за процесот на европска интеграција и предизвиците што се на патот.
Рама: Албанија го поддржува планот за нормализација помеѓу Косово и Србија Рама истакна дека Албанија силно го поддржува планот за мир и нормализација меѓу Косово и Србија, додавајќи дека тоа е многу суштински и реален план, кој ја носи потребната и долгоочекувана нормализација на односите.
„Ние сме благодарни, верувам, не само јас, туку и на сите лидери од регионот, што оваа година Самитот на Берлинскиот процес првпат се преместува во регионот и среќен сум што Тирана беше избрана за местото на овој самит“, рече Рама, потврдувајќи дека со германската канцеларот се договориле следниот самит на Берлинскиот процес да се одржи на 16 октомври во главниот град на Албанија.
Во рамките на посетата на Германија, Рама ќе се состане со стопанствениците со кои ќе разговара за перспективата на Албанија во рамките на регионалниот развој на туризмот.