Во повеќето од државите во регионот мнозинството граѓани го поддржуваат членството во ЕУ. Во некои поддршката за ЕУ драстично опаѓа / Photo: ТРТ Балкан

Каде во регионот има најголема, а каде најмала поддршка за Европската Унија? Колку ЕУ ги оправдала или ги изневерила очекувањата? До одговор на овие прашања може да се дојде со компаративна анализа на податоците од последните истражувања на јавното мислење во земјите од Западен Балкан кои се однесуваат на односите со ЕУ. Во продолжение ви презентираме дел од нив.

Пад на поддршката во Северна Македонија

Последното истражување на јавното мислење во Северна Македонија покажува значителен пад на поддршката на граѓаните на Европската унија.

Околу 49 отсто од испитаниците сметаат дека генерално членството на земјата во Европската Унија би било добра работа, додека 34 отсто не сметаат така. Ова е пад на поддршката за членство од 20 отсто во споредба со претходната анкета. Дури 65 отсто од граѓаните сметаат дека односот на ЕУ кон Северна Македонија е уценувачки и нефер, додека само 17 отсто сметаат дека има фер однос.

Истражувањето „Еврометар” го спроведе Евротинк врз репрезентативен примерок од 1006 испитаници.

Членство на Србија посакуваат помалку од 50 отсто

Членството на Србија во Европската Унија не би добило поддршка од повеќе од половина од граѓаните на оваа земја на референдум. Податоците од неодамна спроведеното испитување на јавното мислење покажуваат дека за членство на Србија во ЕУ би гласале 43 отсто, против би гласале 32 отсто, 13 отсто воопшто не би гласале, а 12 отсто не знаат како би гласале.

Во истражувањето на српското Министерство за европски интеграции биле опфатени 1050 испитаници.

Мнозинството во БиХ сака да биде во ЕУ

Мнозинството граѓани на Босна и Херцеговина поддржува членство на државата во Европската унија, но сепак поддршката за ЕУ опаѓа. Ова го покажуваат податоците од едно од последните истражувања спроведени при крајот на септември минатата година.

Според овие податоци 77,4 отсто од испитаниците на референдум би гласале за влез на БиХ во ЕУ. На членството во ЕУ се спротивставиле 16 отсто што е за четири отсто повеќе во споредба со слично истражување од 2021 година. Поддршката во федерацијата БиХ е 90 отсто, но во Република Српска 54,5 отсто.

Голема поддршка во Косово

Највисока поддршка за членство во ЕУ има меѓу граѓаните на Косово. Членство на Косово во ЕУ поддржуваат 92 отсто од испитаниците. Четири отсто не ја поддржуваат евроинтеграцијата и четири отсто немаат став.

75 отсто од испитаниците сметаат дека ЕУ е позитивно расположена за прием на Косово во ЕУ, но 41 отсто сметаат дека членството нема да се случи во блиска иднина.

Албанија со слична тенденција

Слични показатели има и за Албанија. Тенденцијата во оваа земја е про-ЕУ во голем процент. На последните истражувања на Евробарометар објавени на крајот на минатата година 95,9 отсто од испитаниците го поддржуваат членството во ЕУ, додека 0,5 не го поддржуваат зачленувањето во ЕУ. Граѓаните на Албанија, 95,7 отсто од нив сметаат дека членството во Унијата е многу важно, а 0,4 отсто дека не е важно.

Над 70 % Црногорци со позитивно мислење за ЕУ

Во Црна Гора повеќе од две третини од граѓаните имаат позитивно мислење за Европската унија. Повеќе од 70 отсто од црногорските граѓани ја поддржуваат ЕУ, а 50,2 отсто од граѓаните силно го поддржуваат влезот на земјата во ЕУ. Последното изтражување на ЦЕДЕМ од 21 декември 2022 покажува дека 75 проценти од испитаниците го поддржуваат членството на Црна Гора во ЕУ, а 13 проценти не го поддржуваат. Друго истражување од јуни минатата година покажува дека на референдум за влез на Црна Гора во ЕУ, 83,5 отсто од оние кои ќе излезат на гласачките места би гласале „ЗА”. Против би биле 14,7 отсто.

TRT Balkan
Популарни