Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Босна и Херцеговина остро одговори на заканите на претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик и на владата на овој босанскохерцеговски ентитет дека „до партнерите во ентитетот Федерација на БиХ ќе им се испрати предлог за мирно разделување“, истакнувајќи дека „тоа би било крајот на РС“.
„Вчера господинот Додик објави дека Владата на Република Српска донела официјална одлука да предложи „раздружување“ на Република Српска од Босна и Херцеговина. Со други зборови, тоа значи сецесија на РС; тоа е опасно, неодговорно, антидејтонско дејствување кое го изложува на ризик територијалниот интегритет, суверенитет и мултиетничкиот карактер на БиХ. А тоа се клучните интереси на САД. Соединетите Американски Држави ќе ги бранат и штитат, меѓу останатото, и со повикување на одговорност на оние кои ги изложуваат на ризик“, наведоа од Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина, дополнително нагласувајќи:
„Г-дин Додик и Владата на РС се обидоа да ја објаснат оваа одлука со грст лаги и дезинформации смислени да ја заплашат јавноста во РС да ги следи на овој опасен пат. Фактите се едноставни и јасни. Нема меѓународен заговор за укинување на РС, а господинот Додик не може да издвои ниту една изјава на американски функционер кој повикува на укинување на РС. БиХ не е унија на два ентитета. Како што јасно стои во Дејтонскиот мировен договор и Уставот на БиХ, БиХ е држава наследничка на Република Босна и Херцеговина. Уставот на БиХ не дава право за сецесија или ‘раздружување’ ниту на ентитетите ниту на која било пониска административна единцица. РС може да постои само во рамките на БиХ. Сецесијата или ‘раздружувањето’ на РС не значи независност на РС или крај на БиХ, туку крај на РС.“
Американската амбасада во Босна и Херцеговина истакна дека „активностите на господинот Додик ја ставаат во опасност иднината во евроатлантските институции што ја посакуваат граѓаните на Босна и Херцеговина, вклучително и РС“.
„Патот што тој го предлага ќе обезбеди граѓаните на РС, нивните деца и внуци да немаат мирен, просперитетен живот во демократија каков што заслужуваат“, заклучи Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина.