Пратениците од политичката партија Левица до македонското Собрание во четвртокот поднесоа Предлог- Декларација за солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација.
Со оваа Декларација, како што се наведува, пратениците на Левица, му предлагаат на Собранието, како уставен носител на законодавната власт и средиште на парламентарниот плурализам, да го изрази својот политички став за неприфатливите, нечовечки и страотни сцени на масакри и колективна траума кои секојдневно доаѓаат од разурнатата Газа, осудувајќи ја илегалната израелска окупација на палестинските територии. Претседателот на Левица и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев, истакна дека Предлог-декларацијата содржи девет точки и дека се темели на многу извештаи од организациите „Амнести Интернешнал“ и од „Хјуман Рајтс Воч“.
„Декларацијата ги осудува политиките на апартхејд кои се имплементирани врз палестинскиот народ, особено вештачкото создавање израелски населби, масовните запленувања на земјишта и имооти и насилни депортации, насилните трансфери, ограничување на слободата на движење, осакатување и свесно нанесување сериозни телесни повреди и неказнети убиства на на недолжни цивили“, рече Апасиев, во своето обраќањето во Собранието. Тој го цитираше портпаролот на УНИЦЕФ, според кој „Газа во изминативе денови стана гробница на илјадници дечиња и таа е жив пекол на земјата“.
„Потенцијалот, односно ударната моќ на бомбите кои се фрлени во Газа за само две недели за 1,5 пати ја надмина нуклеарната моќ на нукеларната бомба фрлена врз Хирошима. Газа е голема колку Скопје, а секојдневно е бомбардирана од илјадници гранати на население од 2,2 милиони жител“, додаде Апасиев. Во обраќањето, Апасиев се осврна на, како што рече „европското и американското лицемиерие.
„Во овој парламент видовме како леевме крокодилски солзи за Украина. Чисто за споредба, во Украина досега загинаа не повеќе од 200 деца за две години, во Газа загинаа 5.000 дечиња за две недели! Оттука, да го дополнам портпаролот на УНИЦЕФ: Газа не е гробница само на илјадници дечиња, Газа е гробница и на човечноста! Го гледаме европското и американско лицемерие, кога едните животи се повредни од другите“, истакна Апасиев.
Како што појасни, Предлог-декларацијата предвидува и „обврска за Владата да започне процес на меѓународно признавање и воспоставување на дипломатски односи на ниво на амбасади со независната држава Палестина.“
„Бараме и од претседателот на Републиката итно да го отповика амбасадорот на Македонија во Обединети Нации, затоа што гласаше воздржано за „Резолуцијата за заштита на цивилите и почитување на правните и хуманитарните обврски", потенцираше пратеникот Апасиев.