Пратениците на Собранието на Косово денеска изгласаа неколку меѓународни договори, кои со месеци беа во фаза на чекање поради бојкотот на опозицијата.
Пратениците на Демократскиот сојуз на Косово и на Алијансата за иднината на Косово денеска одлучија да учествуваат во гласањето и со тоа, како што рекоа, да ја покажат силата на опозицијата во парламентот.
За усвојување на меѓународни договори потребно е двотретинско мнозинство гласови или минимум 80 гласови од пратениците.
Собранието денеска меѓу другото го усвои и Договорот за финансирање меѓу Косово и Европската инвестициска банка за проектот „Рехабилитација на железничката пруга 10 Б“.
Усвоен е и Предлог-законот за ратификација на договорот за заем за Проектот за подобрување на преносната електроенергетска мрежа. Потоа беше усвоен договор за финансирање на проектот „Соларното греење на Приштина“ и договор за стипендии за магистерски студии за косовски студенти од страна на Франција.
Беше изгласан и предлог-закон за ратификација на Договорот со ГИЗ ГмбХ, за проектот за поддршка на одржливиот развој на земјоделскиот сектор во руралните средини.
Пратениците почнаа и со разгледување на предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Косово и Кралството Данска за користење на казнената установа во Гњилан за издржување на казните на данските осуденици.
Министерката за правда на Косово Албулена Хаџиу изјави дека Министерството за правда преговарало со Данска и потоа во Копенхаген и Приштина е потпишан Договорот меѓу двете земји. Таа оцени дека овој договор има за цел дополнително да ја зајакне постојната соработка меѓу двете земји.
Шефот на пратеничката група на опозициската Демократска алијанса на Косово (ЛДК), Арбен Гаши, изјави дека неговата група била принудена да не го поддржи овој договор, бидејќи сметаат дека не се почитувале процедурите.
Министерката Хаџиу одговори дека се испочитувани сите процедури и дека се во согласност со важечките закони и додаде дека одговарала на сите прашања на пратениците, членови на собраниските комисии.
По кратка дискусија, овој договор беше одложен за следната собраниска седница.
На 20 декември 2021 година, Министерството за правда на Косово и Кралството Данска потпишаа договор за издавање на притворскиот центар во Гњилане на дански институции за период од 10 години, за што Косово ќе добие 210 милиони евра. Тогаш почетокот на имплементацијата на договорот беше најавен за 2023 година.
Во Собранието на Косово беа изгласани повеќе меѓународни договори, опозицијата го прекина бојкотот на гласањето