Според новиот ценовник, за возилата со моќност до 55 киловати ќе треба да се доплатат околу 840 денари, а за оние над 110 киловати повеќе од 1.500 денари / Photo: AA

Целосно е неоправдан и без основа потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување.

Според АСО, која е регулатор на пазарот на осигурување, зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците.

„Напротив, ова зголемување на цените е само и исклучиво во функција на покривање на трошоците за оперативно работење на компаниите за осигурување“, информира Агенцијата.

Во дописот до медумите, АСО наведува дека „ја охрабрува Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во Тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност“.

До надлежната комисија при Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурување доставила анализа во која се содржани клучните аргументи против зголемување на цената на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност.

Министерството за финансии во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност, пред една недела ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седница со цел да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки.

Од Министерството за финансии попладнево информираа дека Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност утврди потреба од измени на тарифата за премии за осигурување и подготви предлог-измени со кои се враќа цената на осигурувањето за аавтоодоговорност на ниво како пред 25 април годинава.

„Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15 отсто до 30 проценти, во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30 отсто, да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Ова значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година. Дополнително беше утврдено дека Комисијата најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година“, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.

Предлог-одлуката на Комисијата, како што информира Министерството за финансии, е доставена на усвојување до Владата.

Осигурувањето за регистрација на возилата поскапе за 15 проценти откако осигурителните компании биле известени од Националното биро за осигурување (НБО) во понеделникот дека новите цени треба да се применуваат од 25 април.

Новите повисоки цени се наменети за автомобилите со моќност над 44 киловати и за товарните возила. Па, така, според новиот ценовник, за возилата со моќност до 55 киловати ќе треба да се доплатат околу 840 денари, а за оние над 110 киловати повеќе од 1.500 денари.

НБО соопшти дека актуелните пазарни услови предизвикаа неопходност од промена на цената на полисата за задолжителното авто осигурување.

TRT Balkan / агенции
Популарни