Уставните измени се клучен чекор за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија изјави германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок по средбата со македонскиот колега, Тимчо Муцунски во Берлин.
Говорејќи за евроинтеграцијата и европската перспектива на Северна Македонија, Баербок истакна дека само обединета Европска Унија која нема да биде блокирана од поединечни земји членки, може во кризни времиња целата своја тежина да ја стави на вагата на глобалната политика.
„На нас како Германија ни е посебно важно, да напредуваме во квалификуваното мнозинство, а не само во едногласното одлучување, што би значело дека во пристапниот процес би можеле да одлучуваме со мнозинско, а не едногласно одлучување“, нагласи таа во својата изјава.
Сепак, таа порача дека последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер е додавање на Бугарите во Уставот.
„Знаеме колку е тешко да се направат уставни измени во демократиите и тоа го барав и при мојата последна посета на Северна Македонија. Но тогаш беше во тек изборна кампања и разбрав дека тогаш овој чекор не беше можен. Сега има избори во Бугарија, и потоа има шанса која треба заеднички да се искористи“, изјави германската министерка.
Таа смета дека не станува збор за неправда врз Северна Македонија.
„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сè, но такви се правилата. Сè додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, заклучи Баербок.
Ова беше прва официјална средба на двајцата министри откако Муцунски ја презеде функцијата.
Како што соопштија од МНР, во фокусот на разговорите на средбата биле одличните политички и економски односи помеѓу двете земји и цврстото партнерство во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, поддршката на Германија на нашиот евроинтегративен пат, како и други актуелни теми од регионален и европски безбедносен аспект.
Муцунски изразил убедување дека деблокадата на евроинтегративниот процес преку одржување на втората меѓувладина конференција и итен почеток на преговорите не само што ќе ја зајакне европската реформска агенда во регионот, туку ќе го направи и многу поотпорен на влијанијата од трети земји.
Притоа тој нагласил дека деблокирањето на нашиот евроинтеграциски процес е прашање од стратешки и безбедносен интерес, како за регионот, така и за постојаните заложби на ЕУ.