Голем број од присутните мигранти во регионот се обидуваат да се приближат до надворешните граници на ЕУ     Фото: АА / Photo: AA

Преку 300.000 обиди за илегални премини во Европската унија биле регистрирани годинава покажува извештајот на Фронтекс објавен пред неколку дена. Во извештајот исто така е наведено дека западно-балканската рута останува една од најактивните за миграциските движења. Голем број премини се регистрирани и преку Централниот Медитеран.

Зголемување од речиси 70 проценти

На надворешните граници на Европската Унија во првите единаесет месеци од годинава биле откриени 308 илегални премини. Тоа претставува зголемување од 68 проценти во споредба со истиот период минатата година и воедно највисока стапка на илегални премини од 2016 година.

Во ноември 2022 година, земјите членки на ЕУ забележале околу 27.000 нелегални премини, што е за 15 проценти повеќе од истиот месец 2021 година.

За поддршка на земјите кои се соочуваат со силен миграциски притисок и други предизвици, Фронтекс обезбедува опрема и повеќе од 2100 офицери како постојан корпус.

45 проценти од илегалните премини одат преку Балканот

Западно балканската рута останува најактивна. Преку неа доаѓаат 45 проценти од нелегалните премини во Европската унија од почетокот на годината. Според податоците на Фронтекс преку западно-балканската рута во ноември 2022 биле регистрирани 14.105 илегални премини. Тоа е најголем број на обиди за илегален премин преку оваа рута уште од 2015 година.

Причината за тоа според Фронтекс е во повторените обиди за преминување на границата од мигрантите кои се веќе присутни во регионот како и поради фактот дека некои мигранти го злоупотребуваат безвизниот пристап до регионот за да се приближат до надворешните граници на ЕУ. Фронтекс очекува ограничувањето на визниот режим од страна на Србија да придонесе за намалување на бројот на илегални преминувања.

Во земјите од Западен Балкан Фронтекс има распоредено речиси 500 офицери и персонал од постојаниот корпус.

Активна рутата и преку Централен медитеран

Анализите на Фронтекс покажуваат дека освен западно балканската рута активна е и централно-медитеранската рута. Додека преку Западниот медитеран, Западна Африка и Источната гранична рута се забележува помал интензитет.

Преку Централниот медитеран од почетокот на годината, бројот на откриени илегални гранични премини се зголеми за 49% во споредба со 2021 година и достигна речиси 94.000. Во меѓувреме, до крајот на ноември, источно-медитеранската рута забележа пораст од 116% со речиси 40.000 откриени илегални премини.

Посилен миграциски бран на сите рути се очекува при поволни временски услови.

TRT Balkan
Популарни