По веста за разорниот земјотрес кој утрово ја погоди Туркије, лидерите од балканските земји упатија пораки на сочувство до државниот врв на Туркије, семејствата на жртвите, а на повредените им посакаа брзо закрепнување, истакнувајќи дека се подготвени да помогнат.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски во својата порака објавена на социјалните мрежи, изрази сочувство по разорниот земјотрес во Туркије.
„Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите, претседателот Реџеп Таип Ердоган и турскиот народ во овие тешки мигови по страшниот земјотрес што ја погоди Туркије“, напиша Пендаровски на Твитер. Тој на повредените им посакува брзо закрепнување.
„Шокиран сум од разорниот земјотрес во Туркије и Сирија утринава, што резултираше со стотици жртви. Нашето најдлабоко и искрено сочувство и желби за брзо закрепнување на повредените. Подготвени сме да помогнеме“, објави на социјалната мрежа Твитер министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ упати порака на солидарност со граѓаните и претседателот на Туркије Реџеп Ердоган, по повод разорниот земјотрес, изразувајќи спремност да помогне.
„Изразувам сочувство со семејствата на жртвите, народот на Туркије и Реџеп Таип Ердоган. На повредените им посакувам брзо опоравување. Србија е со вас во овие тешки времиња, спремна да ја пружи сета неопходна помош“, напиша Вучиќ на социјалната мрежа Твитер.
Република Србија упатува помош во вид на Специјални тимови за спасување од урнатини при Секторот за вонредни состојби во рамките на Министерството за внатрешни работи (МВР) со 21 припадник и три офицери за врска, потврдено е од МВР на Србија.
Пораки на сочувство и солидарност од Албанија до Туркије по повод земјотресот испратија и албанскиот претседател Бајрам Бегај, претседателката на парламентот Линдита Никола и министерката за надворешни работи Олта Џачка.
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај на социјалните мрежи нагласи дека е длабоко тажен од разорниот земјотрес што утрово ги погоди Туркије и Сирија.
„Албанците и јас стоиме покрај погодените луѓе и семејствата кои ги загубија своите најблиски во оваа страшна трагедија. Нашите искрени мисли и молитви се со нив“, пишува Бегај.
Претседателката на Собранието на Албанија Линдита Никола го изрази своето сочувство поради земјотресот во Туркије и упати пораки на сочувство и солидарност до нејзиниот турски колега, претседателот на Големото народното Собрание на Туркије, Мустафа Шентоп.
„Нашите срца и нашите молитви се за жртвите од трагичниот земјотрес што денеска ја погоди Туркије и Сирија, предизвикувајќи стотици жртви. Во овој тежок час ние сме подготвени да и помогнеме на Туркије на кој било начин“, напиша Џачка на Твитер.
Претседателката на Косово Вјоса Османи по земјотресот во Туркије упати пораки на сочувство.
„Моето срце е со сите погодени од разорниот земјотрес во Туркије.Најдлабоко сочувство за сите изгубени животи и посакување брзо закрепнување на сите погодени. Целосна солидарност со граѓаните на Туркије. Косово е подготвено да ја понуди потребната поддршка“, напиша Османи.
Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Елмедин Конаковиќ изрази сочувство и солидарност со турскиот народ по земјотресот во Туркије и понуди секоја помош која БиХ може да ја пружи.
Босна и Херцеговина, како членка на механизмот на цивилна заштита на Европската унија (ЕУ), подготвена е што поскоро да упати помош на загрозените од земјотресот на подрачјето на Туркије, наведено е во соопштение на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина.
Министерот за безбедност на БиХ Ненад Нешиќ, како ресорен министер ќе покрене итна процедура за упатување на тим од 50 припадници од цивилната заштита од подрачјето на целата БиХ.
Горската служба за спасување (ГСС) на Федерацијата на Босна и Херцеговина, понуди помош на Република Туркије во акциите на спасување по разорниот земјотрес утрово од 7,4 степени по Рихтер, кој го погоди југот на земјата.
„Нашите спасувачи веќе се известени и некои од нив ќе бидат подготвени за пат подоцна денес. Некои од нашите членови кои беа дел од обуката за пребарување и спасување кај турските тренери и организации, веќе се во контакт со нив. Известете не како можеме да помогнеме и како можеме да координираме во врска со логистичките проблеми“, наведено е во соопштението на ГСС испратено до Амбасадата на Туркије во Сараево.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во својата порака на сочувство до Туркије, објавена на неговиот официјален профил на Твитер истакна:
„Длабоко сум тажен поради загубата на многу животи во разорниот земјотрес во Турција утринава. Упатувајќи го моето сочувство до Реџеп Таип Ердоган и семејствата на жртвите и им посакувам брзо закрепнување на повредените. Се солидаризираме со Туркије.“ Пленковиќ објави и дека поради земјотресот во Туркије , Хрватска во знак на солидарност ќе испрати тим за спасување од 40 лица.
Пораки на сочувство и солидарност со Туркије и турскиот народ упати и министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон.
„Длабоко сум тажна поради веста за разорниот земјотрес во Туркије и Сирија. Во името на Словенија сакам да изразам наша длабока жалост и тага. Нашите мисли се со жртвите и нивните семејства. На сите повредени им посакуваме брзо опоравување.
Разорен земјотрес во Туркије
Во разорниот земјотрес кој утрово го погоди југот на Туркије според досегашните информации загинаа 2.379 лица, а повредени се 14.483 лица.
Управата за вонредни ситуации на Туркије (АФАД) ја ревидираше јачината на земјотресот од 7,4, на 7,7 степени по Рихтер.
Епицентарот на земјотресот утрово е регистриран во Пазарџик во Кахраманмараш, а потоа следуваа 50 потресувања на тлото од кои најсилното изнесуваше 6,6 степени по Рихтер. Областите Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османије, Хатај и Килис исто така се тешко погодени од земјотресот.
Земјотрес ја погоди и Сирија, каде загинаа најмалку 1.356 лица.