Бандата транспортирала 435 килограми кокаин од Бразил до Антверпен, како и 106 килограми кокаинод Перу до Ротердам / Photo: МВР НА РСМ

Шеваљ Муареми од Грчец заедно со убиените Орхан Бајрами Оки и Јетон Кривањева Жила се лидери на разбиената криминална банда, за која детали вечерва изнесе министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Според Спасовски, со бандитите соработувале лица од МВР, судови, обвинителства и други институции кои им оддавале информации на криминалците.

Орхан Бајрами летово беше убиен во Грција на Халкидики, а Кривањева беше еден од убиените во „Шиша бар“ во скопската чаршија во март лани.

Муареми не е меѓу уапсените, тој е во странство, полицијата ја знае неговата локација и како што кажа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски презема мерки за негово апсење.

„Денеска Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи и АНБ, под раководство на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција Скопје, а со поддршка на Европол и Заедничкиот истражен тим LIMIT од земјите членки, Франција, Белгија и Холандија, презеде координирани мерки и активности со цел лишување од слобода на лица за кои постојат сомненија дека како членови на меѓународна организирана криминална група биле инволвирани во организирање на набавка на наркотична дрога кокаин и вршење на тешки кривични дела убиства. Денешните активности на полициските службеници од Бирото за јавна безбедност се резултат на повеќемесечна истрага раководена од Јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во рамките на која беа обезбедени доволен број на докази дека во временскиот период од декември 2019 до март 2021 година, на територијата на Република Северна Македонија, пријавениот Ш.М. (46) од с.Грчец, заедно уште две лица, сега починатите О.Б. и Ј.К., организирале криминална група, чии припадници станале повеќе лица“ изјави на прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Според него, бандата набавувала кокаин од земјите на Јужна Америка, пред сè Колумбија, Еквадор, Бразил, Перу и Боливија, ја пренесувала до земјите на ЕУ, а дел бил наменет за македонскиот нарко-пазар. „Оваа криминална група плановите и договорите за извршување на кривичните дела ги правела преку непосредни контакти или со користење на енкриптирани телефони во кои била инсталирана апликацијата „SKY“, а која ја користеле членовите на организираната криминална група“ рече Спасовски.

Утврдено е дека бандата организирала транспорт на 435 килограми кокаин од Бразил до пристаништето во Антверпен, Белгија, како и 106 килограми кокаин, кој пристигнал од Перу до Ротердам, Холандија.

„Припадниците на оваа организирана криминална група како резултат на нивните криминални активности поврзани со недозволена трговија со наркотична дрога се стекнале со значителни финансиски средства кои ги инвестирале во изградба на луксузни куќи, купување на недвижности и изградба на луксузни угостителски објекти, кои ќе бидат предмет на финансиски истраги со цел нивна конфискација. Како резултат на истрагата и податоците кои беа добиени, обезбедени се докази дека организаторот на криминалната група Ш.М., заедно со членовите на групата организирале и извршиле обид за убиство на лице од с.Бардовци, убиство на албански државјанин чие тело беше пронајдено на 15 мај 2020 година во с.Горна Матка, Скопје и двојното убиство случено на 05 март 2021 година, кога во Скопје беа убиени А.Б. и Б.В.“, рече Спасовски.

Осомничените се товарат за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, убиства и обид за убиство, за што во текот на денешниот ден до ОЈО за ГОКК ќе биде поднесена кривична пријава против 16 лица и тоа Ш.М. (46), Д.И.(50), Ф.Б. (45), Б.А. (44), Р.С. (41), С.А. (44), М.Ч. (27), С.С. (36), Ш.А. (27), Ш.Б. (20), Н.И. (44), Е.И.(25), Ф.С. (43), Ш.С. (40), М.Д. (41) и О.П. (43).

Како резултат на денешните активности и извршени претреси на 20 локации во Скопје, с. Грчец и други места, шестмина од пријавените лица се лишени од слобода, дел од пријавените лица подолг период престојуваат надвор од РСМ, додека едно лице Р.С. (42) е веќе лишено од слобода во Шпанија.

При претресите запленети се голема сума на пари, луксузни автомобили итн. Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО за ГОКК по издавањето на потерници за лицата кои се наоѓаат надвор од Република Северна Македонија ќе преземе координирани мерки со поддршка на ЕВРОПОЛ со цел нивно лишување од слобода.

TRT Balkan / агенции
Популарни