Меѓународна криминална група која била вклучена во шверц на над шест тони кокаин е уапсена во Црна Гора. Во меѓународната полициска акција учествуваа полициите на Црна Гора, Србија, Италија, Хрватска, Словенија, Шпанија, Португалија и Холандија со активна поддршка и координација на ЕУРОПОЛ.
Како што соопшти црногорската полиција, процесуирани се 28 лица кои се припадници на меѓународната криминална организација која се доведува во врска со криумчарење на 6,1 тони кокаин на транснационално ниво.
Според Управа на полицијата, со кривичната пријава опфатени се двајца државјани на Италија, 24 државјани на Црна Гора и двајца државјани на Република Србија.
Лицата се осомничени за кривични дела создавање криминална организација и неовластено производство, држење и ставање во промет на опојни дроги.
Акцијата е спроведена на територија на седум земји, а извршени се претреси на вкупно 52 локации. Во акцијата во Црна Гора учествувале 200 службеници на Управата на полицијата. Извршени се претреси на вкупно 33 локации во државата и притоа пронајдени се и одземени повеќе десетици илјади евра, скапоцени часовници, банковни картички, документи, муниција и оружје, возило и глисер.
Од слобода се лишени осум лица, четири лица моментално се недостапни за надлежните органи, додека едно лице е претходно лишено од слобода во Србија по меѓународна потерница поради други кривични дела.
Единаесет лица лишени се од слобода на Аруба (остров во јужно Карипско море) во 2020 година и тие се осудени на долгогодишни казни затвор.
Полициските активности започнале пред три години
Целата истрага започнала пред три години односно во 2019 година. Полицијата и обвинителите започнале со собирање докази за групата составена од државјани на Црна Гора, Италија, Србија, Хрватска, Словенија и Велика Британија, а за кои се сомневало дека се бават со транснационално криумчарење на кокаин по рутата Јужна Америка-Европа, со користење на различни видови пловила. Собраните докази укажувале дека групата била активна и во претходниот период.
Полициска акција „Флорида I“
Подготовката и организацијата на криминалните активности се спроведувала во Црна Гора, Србија, Хрватска, Словенија, Италија, Шпанија - Балеарски острови, Канарските острови, Зеленорските острови, Кабо Верде, Обединети Арапски Емирати, додека реализацијата на криминалните активности се спроведувала во Португалија - Азорски острови, Брегот на Слоновата коска, Кариби-Аруба, Гренада, Сабу, Антигва и Барбуда, Свети Евстахиј и Сент Мартин.
Според црногорската полиција, акцијата „Флорида I“ претставува дел од континуираните мерки и активности кои Управата на полиција на Црна Гора во соработка со меѓународните партнери ги спроведува со цел разбивање на структури на организиран криминал кои се бават со криумчарење наркотици на меѓународно ниво, доминантно составена од припадници на т.н. балкански картел.