Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, рече дека заклучоците на Националното собрание на босанскиот ентитет Република Српска (РС) во врска со разгледувањето на правно неоснованите информации за колапсот на правниот систем во БиХ со кршење на Дејтонскиот мировен договор, претставува нов опасен обид за уривање на Дејтонскиот мировен договор и уништување на правниот поредок на Босна и Херцеговина.
„. Европа и светот не смеат да заборават дека обидот за создавање голема Србија во 1990-те доведе до брутална агресија врз Република Босна и Херцеговина и геноцид врз Бошњаците. Затоа е заедничка обврска да се спречи повторување на истото мрачно сценарио“, нагласи Беќировиќ.
Тој додаде дека ОХР, Управниот комитет на Советот за имплементација на мирот и државите кои се сведоци на Дејтонскиот мировен договор, како и НАТО и ЕУФОР, се обврзани да дејствуваат конкретно со цел зачувување на мирот и стабилноста, како и дека е неопходно ефикасно и законско постапување на надлежните институции на БиХ.
„Суверенитетот се споменува девет пати во Општиот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина. Сите девет споменувања се однесуваат на државата Босна и Херцеговина. Никогаш на ентитетите на Босна и Херцеговина. Заклучоците на собранието на ентитетот за суверенитетот на административно-територијалните единици во државата БиХ се чиста глупост. Суверенитет на ентитетите не постои и ваквата неоснована теза нема правна основа во Дејтонскиот мировен договор и Уставот на БиХ, како и во меѓународното право“, рече Беќировиќ и нагласи:
„Ќе ја браниме државата Босна и Херцеговина со сите расположливи правни, политички, дипломатски и други правни средства, во согласност со националното и меѓународното право. Оние кои мислеа дека е можно да се изгради држава во меѓународно признатата држава Босна и Херцеговина, завршија како воени злосторници, со доживотни затворски казни“.
Националното собрание на РС во средата усвои заклучоци во врска со предлогот на законот за гранична контрола на БиХ и предлогот на законот за заштита на личните податоци на БиХ, како и информациите за уривање на правниот поредок во БиХ со кршење на Дејтонскиот мировен договор, со незаконските постапки на високите претставници во БиХ, со антидејтонските постапки на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина.
Меѓу другото,пратениците бараат претставниците на РС од српскиот народ во институциите на БиХ да го прекинат одлучувањето во доменот на европската интеграција додека не се воспостават услови процесот на европска интеграција да се одвива во согласност со постулати на демократијата и владеењето на правото.
Се наведува дека „судските институции на ниво на БиХ, Судот на БиХ, Обвинителството на БиХ и Високиот судски и обвинителски совет се противуставни категории, наметнати од високиот претставник со носење незаконски одлуки, спротивни на Уставот на БиХ, владеењето на правото и сите демократски принципи“.