Германија се залага и за енергетско вмрежување на Западен Балкан и помала зависност од Русија     Фото: Reuters

Германскиот канцелар Олаф Шолц го враќа во живот Берлинскиот процес. Иницијатива која е дело на неговата претходничка Ангела Меркел од 2014 година со цел унапредување на соработката на Западен Балкан и побрза европска интеграција на земјите од регионот.

Денешниот состанок во Берлин е прв со физичко присуство од почетокот на пандемијата со коронавирусот и од почетокот на војната во Украина. Најавено е потпишување на три договори меѓу државите од Западен Балкан.

Три договори

Според германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, ќе бидат потпишани договори за патување со лична карта во регионот на Западен Балкан, за меѓусебно признавање на факултетските дипломи и стручните квалификации со акцент на докторите по медицина, стоматолозите и архитектите.

По вчерашниот состанок со нејзините колеги од Западен Балкан, Бербок потпишувањето на договорите го оквалификува како историски чекор. Договорите се во насока на заложбата за единствен пазар во регионот на Западен Балкан.

Специфичен контекст

Војната во Украина го прави дополнително специфичен контекстот во кој се одржува овој состанок во рамки на Берлинскиот процес, од аспект на енергетската криза и односите со Русија. Србија е единствената држава во процесот која нема воведено санкции кон Русија.

Германија како иницијатор го очекува тоа за јасно изразување на европските аспирации. За притисокот кон Србија во однос на санкциите кон Русија пишува и германскиот весник „Велт” повикувајќи се на неименувани високи дипломатски извори.

Дополнително Германија се надева дека иницијативата освен предвидените договори и поефикасната размена на стоки и услуги можат да придонесат и за енергетско вмрежување на Балканот и помала зависност од Русија.

Отворен Балкан или Берлински Процес

Освен лидерите на балканските држави, на денешниот состанок најавено е присуството и на претседателката на европската комисија Урсула Фон дер Лајен како и претседaтелот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Поканети се претставници и на досегашните домаќини на Берлинскиот процес како и неколку земји членки на ЕУ.

За разлика од проектот Отворен Балкан, во Берлинскиот процес се вклучени сите шест држави од Западен Балкан. Заговорниците за брз проток на стоки и капитал и европска интеграција велат дека едниот, не го исклучува другиот процес и дека треба да се најде начин како да се искористат предностите од двете иницијативи и да се туркаат паралелно.

Досегашни состаноци

Од основањето на Берлинскиот Процес и конференцијата за Западен Балкан, по иницијaтива на Меркел во 2014 на годишно ниво се одржаа неколку конференции. Во 2015 година во Виена, во 2016 година во Париз, а во 2017 година во Трст. Потоа следеше конференција во Лондон во 2018 година, па во Познан 2019 година и 2020 година во Софија. Пандемијата потоа беше пречка за состаноци од ваков вид со физичко присуство.

TRT Balkan
Популарни