Босна и Херцеговина и Министерството за безбедност на БиХ исполнија уште една од нивните обврски на европскиот пат со отпочнување на преговори за договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС).
Заедно со претставниците на тимот на БиХ за преговори за договорот за соработка со ФРОНТЕКС, на состанокот со кој официјално започна овој процес присуствуваа и министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ и заменик генералниот директор за внатрешни работи на Европската комисија Оливер Ониди.
По воспоставувањето на оперативната соработка со ЕВРОПОЛ, овој договор е следниот важен чекор за БиХ во интеграцијата во заедничката европска безбедносна област.
„Денеска ќе започнеме процес кој нема да значи соработка со една европска институција, туку потврда дека сме дел од заедничката и колективна европска безбедност. Сакам да истакнам дека нашите активности се насочени кон елиминирање на заканите и ризиците, пред сѐ од организираниот криминал, кој го загрозува развојот и економската стабилност на БиХ, како и зголемување на безбедноста на нејзините граѓани. Во оваа смисла, ФРОНТЕКС ќе додаде нова димензија, ќе ги зајакне нашите граници и нивната непропустливост кон безбедносните закани и организираниот криминал во ова динамично време на миграција како сериозен извор на секакви ризици“, рече Нешиќ.
Тој додаде дека ФРОНТЕКС е потврда дека Босна и Херцеговина е комплицирана земја само кога ѝ треба изговор да не направи нешто и дека е многу функционална во нејзините уставни рамки и во рамките на Дејтонскиот договор кога сака работите да се движат напред. Затоа, тој посака преговарачките тимови ефективно да ја завршат оваа работа, за БиХ да престане да биде единствената земја од Западен Балкан што не соработува со ФРОНТЕКС.
Ониди истакна дека во ситуација кога има исклучителен притисок на илегална миграција, од исклучително значење е полициската соработка и заедничкото дејствување во чувањето и контролата на границите, соопшти Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина.