БиХ и Албанија во топ 5 земји во светот со најголема дијаспора / Photo: TRT Balkan

Босна и Херцеговина и Албанија, две земји од регионот на Балканот, се меѓу петте земји во светот со најголема дијаспора, според статистичките податоци на Обединетите нации (ОН).

Податоците на Одделот за население на Обединетите нации (ОН) се однесуваат на процентуалното учество на дијаспората во вкупното население на земјите, при што 2020 година е последната достапна година со податоци.

Прва на листата на суверени земји со најголема дијаспора во светот е Гвајана, држава во североисточниот брег на Јужна Америка. Според оваа листа, од сите суверени земји карипската нација Гвајана има најголем удел на населението кое живее во странство, односно 36,4 % од вкупното население е дијаспора.

Босна и Херцеговина е втора на листата според големината на дијаспората во однос на вкупното население. Податоците на ОН покажуваат дека 34% од популацијата е дијаспора. Доколку земеме в предвид дека БиХ има 3,2 милиони жители, 34 отсто од оваа бројка е повеќе од милион жители.

По распаѓањето на СФР Југославија, на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, многумина се иселија од земјите од Балканот во потрага за подобар живот. Во најголем дел, населението се иселуваше во некоја од поразвиените земји во Европа.

Во регионот дојде до повеќе судири и војна во текот на 1990-тите години, со што дојде до зголемувањето на дијаспората од балканските земји. Босна и Херцеговина, која прогласи независност во 1991 година, доживеа крвава војна во периодот од 1991-1995 година. Војнaта, тешката економска состојба и по војната, недовербата во институциите, немањето перспектива, се само дел од многубројните причини за масовно иселување од БиХ, особено на младата популација. Слични се причините за иселувањето од останатите земји од регионот.

Втора балканска држава која е треторангирана според бројноста на дијаспората во светот е Албанија. Земјата која во деведесеттите стави крај на комунизмот и меѓународната изолација, поради лошата економска состојба се соочуваше со бројни тешкотии.

БиХ и Албанија во топ 5 земји во светот со најголема дијаспора TRT Balkan

Како и за другите балкански земји и за Албанија иселувањето е еден од најголемите предизвици. Статистиката на ОН бележи дека најмалку 30,7 отсто од вкупното население е дијаспора. Всушност, доколку се земе в предвид податокот дека Албанија има население од 2,8 милиони жители, произлегува дека повеќе од 881.000 жители на Албанија се дел од дијаспората.

Земјите кои се во војна или кои до неодамна биле во војна и се соочувале со судири исто така заземаат значајно место на листата на земји со најголема дијаспора според Обединетите нации.

Сирија, земја која повеќе од една деценија се соочува со жестока војна, според ОН, е четврта во светот според големината на дијаспората во однос на вкупното население. Односно, 29,8% од популацијата на Сирија е дијаспора. Во март годинава, УНХЦР соопшти дека најголемата криза со раселувањето во светот сè уште е во Сирија, со повеќе од 13 милиони луѓе кои ја напуштиле земјата или пак, се внатрешно раселени, поради војната која трае веќе 11 години.

Со 28,6% дијаспора од вкупното население, островската држава Јамајка во Средна Америка е петта земја со најголема дијаспора.

TRT Balkan
Популарни