Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина Сифет Поџиќ изјави дека добил цврсти уверувања од НАТО дека сојузот ќе обезбеди продолжување на мисијата за зачувување на мирот во БиХ во случај Русија да се обиде да блокира продолжување на мандатот на воените сили на Европската унија (ЕУ).
ЕУ мисијата за зачувување на мирот во БиХ ја презеде од НАТО во 2004 година, кога е покрената операцијата Алтеа која ја предводи контигентот војници од европските држави под називот ЕУФОР (EUFOR).
Моментално во составот на тие сили, со кои командува австрискиот генерал Антон Весли, има нешто повеќе од илјада војници, односно 500 повеќе отколку пред кризата која ја предизвика руската агресија на Украина. Тие во своето делување се ослонуваат и на НАТО кој во случај на ескалацијата на кризата во БиХ би помогнал со договорот „Берлин плус“.
Мисијата на ЕУФОР делува врз основа на мандат кој секоја година го продолжува Советот за безбедност на Обединетите нации, а поради влошените односи на Русија и Западот се појавија и тврдења дека Москва наесен би можела да го искористи правото на вето во Советот за безбедност и да го блокира продолжувањето.
Претседателот на Воениот комитет на НАТО адмирал Роб Бауер во вторникот, во текот на официјалната посета на Сараево потврди дека се во тек интензивни консултации за да се реши тој проблем доколку се појави.
Во телевизиско интервју министерот Поџиќ рече дека на неодамнешниот самит на НАТО одржан во Мадрид добил цврсти уверувања дека сојузот ќе реагира доколку Русите го искористат ветото во ОН.
„Доколку има вето, сојузничките сили ќе ја преземат мисијата“, рече Поџиќ.
Одговарајќи на прашањето, што БиХ воопшто може да преземе доколку се соочи со руска закана по безбедноста поради евентуалното приближување кон членството во НАТО, како што порано се закани рускиот амбасадор во Сараево, Игор Калабухов, Поџиќ рече дека земјата ќе се брани со она што самата го има, но сигурен е дека притоа може да смета на помош од Западот.
„Сигурно нема да бидеме сами“, рече министерот за одбрана на БиХ појаснувајќи дека во овој момент најголема закана, сепак е хибридната војна која Русија ја води на целиот Западен Балкан и која како што рече: „и тоа како е распространета“.
Како многу поголема закана од Русија во сегашен момент, тој ги оцени внатрешните проблеми што ги има БиХ.