Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика, Жосеп Борел, ги повика Косово и Србија да го прифатат предлогот на ЕУ за дипломатско и трајно решение.               Фото: Ројтерс

Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика, Жосеп Борел, ги повика Косово и Србија да го прифатат предлогот на ЕУ за дипломатско и трајно решение.

„Сметаме дека овој предлог е единствен начин да се прекине маѓепсаниот круг на кризата на терен и да се намали ризикот од понатамошна ескалација. Очекуваме сериозна посветеност и подготвеност за конструктивно да се ангажираме со цел овој предлог да напредува“, изјави Борел.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа во Белград изјави дека планот на ЕУ за Косово, што му го претставиле западните претставници, фактички станал нова преговарачка рамка за Србија во процесот на евроинтеграции. Тој најави и дека во наредните денови ќе ги извести сите политички групи за европскиот предлог за решавање на прашањето за Косово и дека ќе побара поголемо учество на Собранието и Владата.

Борел на конференцијата за новинарите по првиот овогодишен состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, што се одржа вчера, изјави дека економските санкции и ограничувањето на цената на руската нафта се голем удар врз финансиската стабилност на Русија.

„Денес руската нафта се продава по цена од 40 долари по барел, а бренд-нафтата по цена од 80 долари. Тоа значи дека руската нафта се продава со попуст од 50 отсто, а ја купуваат главно Индија и Кина“, рече Борел.

Тој констатираше дека Русија губи 40 долари по барел, и дека тоа е голем удар врз финансиската стабилност на Русија.

Борел истакна дека земјите на ЕУ постигнале политички договор за седми пакет воена поддршка на Украина, со дополнителни 500 милиони евра, додавајќи дека вкупната помош што институциите на ЕУ и земјите членки ѝ ги дале на Украина изнесува 49 милијарди евра.

„Тоа значи дека ЕУ - државите членки и европските институции, сите заедно се на прво место. Ние сме на прво место по поддршката на Украина“, нагласи Борел.

Зборувајќи за палестинско-израелското прашање, Борел повтори дека ЕУ останува на ставот за решение со две држави.

AA
Популарни