Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји денеска, по повод 29-годишнината од злосторството во Сребреница, изјавија дека тоа е едно од најмрачните моменти во модерната европска историја и повикаа на заедничко градење на мостови за помирување.
Геноцидот во Сребреница, пред 29 години, е еден од најтемните моменти во модерната европска историја. Наша должност е да го почитуваме споменот на над 8.300 момчиња и мажи кои беа систематски убиени во ридовите околу Сребреница“, рекоа Борел и Вархеји во заедничка изјава.
Истовремено ги повикаа лидерите да ја отфрлат реториката на поделби и да дејствуваат со вистина, правда, доверба и дијалог.
Тие веруваат дека за заздравувањето на раните од минатото „потребно е препознавање и проучување на историските факти, почитување и сеќавање на жртвите, идентификување на оние кои сѐ уште се водат како исчезнати и изведување на сите виновници пред лицето на правдата“.
„Мораме заедно да градиме мостови за помирување. Нема место меѓу нас за оние кои го негираат геноцидот, се обидуваат да ја препишат историјата и да ги глорифицираат воените злосторници“, рекоа Борел и Вархеји.
Тие потсетија дека во март 2024 година Европскиот совет одлучи да ги отвори преговорите за пристап во ЕУ со БиХ и изјавија дека ова е клучна можност за БиХ да напредува во реформите за зајакнување на демократијата, просперитетот и безбедноста и ја потврдија посветеноста на иднината на БиХ во ЕУ “ како единствена, обединета и суверена земја“.
На брифинг со новинарите во Брисел, портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, на новинарско прашање на кого се однесува изјавата дека „во ЕУ нема место за оние кои го негираат геноцидот“, рече дека соопштението на Борел и Вархеји го содржи ставот на ЕУ на кој се потсетува секоја година дека „секој што се обидува да го доведе во прашање овој геноцид и ги велича воените злосторници“, нема место во ЕУ.
Стано додаде дека, како што рече, „геноцидот во Сребреница е многу несреќен, трагичен, историски факт“.
На прашањето дали може да се прекине процесот на пристапување на Србија во ЕУ во случај српските власти да се спротивстават на таквите декларации, тој посочи дека земјите кои се во процес на пристапување во ЕУ секоја година се оценуваат во таканаречениот извештај за напредокот и добиваат резиме на она што го направиле кога станува збор за критериумите, принципите, вредностите на ЕУ, како и за она што не го направиле, што се гледа во препораката на Европската комисија.