Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Џозеп Борел објави дека Косово и Србија постигнале договор за регистарски таблички. / Photo: AA (Архива)

Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Џозеп Борел објави дека Косово и Србија постигнале договор за регистарски таблички.

Оваа информација Борел ја сподели на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Твитер.

„Имаме договор! Со големо задоволство можам да соопштам дека главните преговарачи на Косово и Србија, со посредство на ЕУ, се договорија за мерките за да се избегне понатамошна ескалација и во потполност да се концентрираат на предлогот за нормализација на односите“, истакна Борел.

Договорот е постигнат на состанокот на главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ во Брисел, со посредство на специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог Мирослав Лајчак. Состанокот траеше речиси шест часа.

„Србија ќе престане да издава регистерски таблички со деноминации на косовските градови и Косово ќе престане со понатамошните активности поврзани со пререгистрацијата на возилата“, нагласи Борел и додаде:

„Ќе ги поканам страните во наредните денови да разговараат за следните чекори. Им благодарам на Мирослав Лајчак и на страните за напорната работа.“

Утре истекува рокот од 48 часа, колку што е поместен, за почеток на изрекување на паричните казни за возилата кои не се пререгистрирани од старите српски на РКС таблички.

Спорот околу регистарските таблички помеѓу Косово и Србија

Претходно, по трилатералниот состанок меѓу премиерот Курти, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и високиот претставник на ЕУ, Борел, на 21 ноември во Брисел, Борел соопшти дека не е постигнат договор за регистарските таблички.

Тој рече дека Вучиќ го прифатил предлогот на ЕУ, додека Курти не. Борел тогаш истакна дека очекува Косово веднаш да ја прекине следната фаза за казнување поради табличките, а Србија да го прекине издавањето таблички со ознаки на косовските градови.

Истиот ден, нешто по полноќ, косовскиот премиер Курти соопшти дека го прифаќа барањето на амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер, за 48-часовно одложување на одлуката за изрекување парични казни, која истекува утре.

Курти на седницата на Владата рече и дека одлуката за санкционирање поради старите регистарски таблички издадени од Србија е донесена по шестмесечни преговори за регистарските таблички, од септември минатата година до април годинава.

САД и ЕУ побараа од премиерот Курти да ја одложи одлуката за регистарските таблички за десет месеци, но Владата на Косово на 28 октомври, два дена пред истекот на рокот за пререгистрација на возилата, одлучи да воведе постепено санкционирање на возилата со српски регистарски таблички.

Веднаш по примената на првата фаза од санкционирањето на 1 ноември, која се однесуваше на изрекување опомени, директорот на Полицијата на Косово за регионот Север, Ненад Ѓуриќ, одби да ја спроведе таа одлука, поради што Приштина го суспендира. Потоа, на 5 ноември, претставниците на косовските Срби соопштија дека ги напуштаат косовските институции на централно ниво и во сите четири општини на северот на Косово, каде што живее мнозинско српско население. Ги напуштија и полицијата и судството.

Според владината одлука, по првата фаза следува фаза на казнување во износ од 150 евра, која требаше да почне на 21 ноември и да трае до 21 јануари. Во третата фаза до 21 април 2023 година, беше предвидено да се издаваат пробни таблички, а од 21 април воопшто да не бидат дозволени старите таблички, кои се толерираа само на северот на Косово и ги има околу девет илјади.

Крајниот рок за пререгистрација на возилата во таблички на РКС, со финансиски поволности, според одлуката на Владата на Косово од 28 октомври, беше 31 март 2023 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни