Борел: Курти и Вучиќ постигнаа согласност за европскиот план / Photo: Josep Borrel/Social media

Високиот комесар на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Џозеп Борел соопшти дека на вечерашниот состанок помеѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел е постигната согласност за европскиот план за нормализација на односите на Косово и Србија.

Во изјавата по состанокот, Борел нагласи дека страните изразиле подготвеност околу имплементацијата на планот, и дека нема потреба повеќе да се зборува за европскиот план. Останува преговорите да продолжат околу начинот и роковите на имплементацијата, додаде Борел и рече дека текстот на договорот наскоро ќе биде објавен.

„Треба да се одредат специфичните модалитети на имплементацијата на овој договор, но треба уште преговори за тоа. Шатл дипломатијата ќе продолжи со работа, а двајцата лидери ќе се состанат во март“, рече Борел.

Тој додаде дека сите договори од минатото мора да се реализираат.

Високиот претставник рече дека европскиот предлог им е претставен на страните минатиот септември, а потоа следувала шатл дипломатијата и специјалниот пратеник Мирослав Лајчак патувал десет пати во Приштина и осум пати во Белград.

„Овој договор е за граѓаните на Косово и Србија, не за Европската унија. Луѓето ќе можат слободно да се движат помеѓу Косово и Србија користејќи ги своите пасоши, кои ќе бидат признаени, ќе можат да користат лични карти, дипломи, исто така ќе можат да студираат“, појасни Борел.

Понатаму истакна дека договорот ќе донесе олеснувања во работата, нови инвестиции помеѓу Косово и Србија, вработување на граѓаните од двете земји избегнувајќи ја бирократијата, а серификатите за извоз и увоз на производите повеќе нема да бидат прашање.

Договорот предвидува заштита на правата на српската заедница, вклучувајќи ја Српската православна црква и српските културни и верски споменици.

Тој посочи дека овој договор е важен и за безбедноста и просперитетот на целиот регион.

Премиерот на Косово по трилатералниот состанок изјави дека согласноста околу планот е постигната, но дека договорот не е потишан, затоа што „српската страна за тоа не била спремна.“

„Изразив спремност да го потпишам овој текст, но другата страна не беше спремна. Мислам дека е штета што вечерва не е потпишано како што се договоривме. Потврда на прифаќањето на овој предложен текст би требала да резултира со потпис, но тоа не го направи српската страна“, истакна Курти во изјава за новинарите.

Српскиот претседател Алекнсадар Вучиќ пред новинарите рече дека Курти не бил спремен да ја прифати Заедницата на спрските општини во Косово.

„Јас инсистирав на Заедница на српските општини, Курти не беше спремен да го прифати тоа сега, а дали во иднина ќе го прифати, ќе видиме. Се надевам дека е можно да постигнеме некакви компромиси“, нагласи Вучиќ.

Тој додаде дека е важно што е разговарано и дека верува во можноста за надминување на унилатералните потези, кои можат да ја загрозат безбедноста на луѓето на терен.

TRT Balkan / агенции
Популарни