Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, објави дека на полицијата на ЕУЛЕКС ѝ пристигнало засилување со цел да се обезбеди стабилност на Косово.     Фото: АА / Photo: AA (Архива)

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, објави дека на полицијата на ЕУЛЕКС ѝ пристигнало засилување со цел да се обезбеди стабилност на Косово.

Борел на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша: „Во овие тензични времиња на Косово, Мисијата на ЕУ за владеење на правото - ЕУЛЕКС, ја исполнува својата должност за да обезбеди стабилност.“

Тој наведе дека синоќа Европските сили на жандармеријата, во составот на карабинерите, пристигнале за привремено да ја засилат полициската единица ЕУЛЕКС на Косово.

„ЕУЛЕКС ќе продолжи да поддржува мирно и безбедно опкружување“, напиша високиот претставник на ЕУ.

Засилувањето на ЕУЛЕКС доаѓа откако припадниците на српската заедница ги напуштија сите косовски институции во северниот дел на Косово, вклучувајќи ги и полицијата и судството.

Вчера претседателката на Косово, Вјоса Османи, се состана со шефот на ЕУЛЕКС, Ларс-Гунаром Вигемарк со кого разговараше за најновите случувања во северниот дел на земјата, како и за соработката на државните и меѓународните институции.

Претседателката Османи во таа пригода ја повтори посветеноста на косовските институции во спроведувањето на редот и законот, како и на обезбедувањето на непречената работа и јавната безбедност на целата територија на земјата, во блиска соработка со меѓународните партнери.

Сите претставници на Србите во северниот дел на Косово во саботата се повлекоа од косовското Собрание и Владата, како и од сите институции во северниот дел на Косово. Од Српската листа соопштија дека нивната одлука останува во сила сѐ додека Приштина не ги повлече „едностраните и противправни одлуки“ за пререгистрација на табличките за возилата и додека не се формира Заедница на општини со српско мнозинство, во согласност со Првиот договор од Брисел.

Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека работата и давањето услуги на косовските институции продолжува, без разлика на настанатата ситуација, и дека институциите остануваат посветени на владеењето на правото, правото на малцинствата, мирот и безбедноста. Тој рече и дека продолжува процесот на пререгистрација на табличките, со финансиски олеснувања, како и со останатите мерки за примената на овој режим на таблички.

Премиерот Курти ја обвини Србија дека го саботира дијалогот и секој постигнат договор, истакнувајќи дека бојкотот не е решение и дека институциите немаат алтернатива. Ги повика сите српски граѓани да не ги напуштаат косовските институции.

TRT Balkan / агенции
Популарни