Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, изјави дека Шпанија, Малта, Ирска и Словенија ќе ја признаат државата Палестина.
За време на гостувањето во емисија на шпанската радиостаница „РНЕ“, Борел одговори на прашањето дали веќе е одреден датумот кога Шпанија, Ирска, Словенија и уште неколку други земји од ЕУ ќе ја признаат палестинската држава.
„Знам дека Хозе Мануел Алварес, шпанскиот министер за надворешни работи, ми кажа дека Шпанија ќе ја признае Палестина на 21 мај“, рече Борел, додавајќи дека Палестина сигурно ќе ја признаат и Малта, Ирска и Словенија.
„Знам и дека Белгија моментално нема да ја признае Палестина, но сѐ уште постои таква можност“, изјави Борел.
На прашањето за границите на државата Палестина, Борел истакна дека за тоа не можат да решат државите.
„Тоа е веќе утврдено според резолуциите на Обединетите нации“, додаде тој.
Борел нагласи дека треба да се критикуваат оние кои ги одбиваат преговорите и мирните решенија за израелско-палестинското прашање.
„Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не ги критикува мировните решенија, туку се противи на нив. Меѓународната заедница побара од Нетанјаху да не влегува во Рафах, но тој не го послуша овој апел“, рече Борел.
Тој предупреди дека војната меѓу Израел и Хамас ќе има опасни последици низ светот, и дека ќе влијае и на изборите во САД и западниот свет.
Борел, исто така, смета дека протестите за поддршка на Палестина започнати од студентите на голем број универзитети ќе се прошират низ целиот западен свет.