Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, пред истекот на неговиот десетгодишен претседателски мандат, ја посети Хрватска во последната официјална државна посета, при што најпрвин се сретна со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ.
Хрватскиот претседател Милановиќ односите на Љубљана и Загреб ги оцени за исклучително важни, изјавувајќи дека во последните две-три години се сѐ подобри.
„Словенија е најдобриот хрватски сосед, најпредвидлив, а таква е и Хрватска според Словенија“, оцени Милановиќ.
„Би било одлично кога би имале такви односи и со соседите, но, за жал, немаме и не знам дали наскоро ќе имаме“, додаде тој.
Својот досегашен придонес кон развојот на словенско-хрватските односи, во улогата на премиерот и претседател Милановиќ го оцени како минлив.
На новинарско прашање за ставот за обука за украинските војници во Хрватска, Милановиќ повтори дека се противи на тоа Хрватска да биде меѓу првите и дека неговото противење за тоа е насочено кон зачувување на хрватската безбедност.
Милановиќ потсети дека Словенија и Австрија, како и другите ЕУ држави, во однос на прашањето на обука на војниците од Украина останаа воздржани, оценувајќи го тоа како мудар потег.
Хрватскиот претседател нагласи дека војната во Украина треба што поскоро да се запре со дипломатски средства бидејќи војната води кон уништување на украинската држава и нацијата, наведе тој и додаде дека санкциите кон Русија немаат ефект.
На прашањето за Сребреница, Милановиќ порача дека ќе ја повтори својата порака до „оние кои на тоа сакаат да прават профит и работа, на несреќа на илјадници убиени мажи во Сребреница“.
„Но дека ќе допуштам и мирно ќе гледам како на целиот српски народ му се набиваат комплекси поради тоа, како што претходно оние други тоа им го правеа на Хрватите поради Јасеновац, тоа нема да го дозволам. Кој сака на своја сметка да впишува поени како жртва на Сребреница и ако јас тоа го препознам, јас на тоа ќе се спротивставам“, рече Милановиќ.
Тој додаде дека „Мајките на Сребреница“, дојдоа на одбележувањето на „Олуја“ во Книн, а четири години потоа ја прозваа Хрватска за фашизам и дека тоа нема да го дозволи, нарекувајќи го сето тоа „политички диктат“.
Пахор: Очекувам Хрватска да ја прифати арбитражната одлука за граница
Претседателот на Словенија, Борут Пахор истакна дека меѓу четирите соседи најмногу внимание и посветил на Хрватска и дека во десетте години од неговиот мандат остварил 55 средби со хрватски претседатели. Тој го поздрави претстојниот влез на Хрватска во Шенген и изрази надеж за реализација на членството на Хрватска во ОЕЦД.
Зборувајќи за ситуацијата на Балканот, Пахор рече:
„Се надевам дека до крајот на оваа година Европскиот совет ќе даде зелено светло за визна либерализација за Косово, за статусот на Босна и Херцеговина, дека проширувањето на Европската унија ќе продолжи.“
Пахор изрази надеж дека одредбите на арбитражниот договор за граница, од кој Хрватска се повлече пред донесување на одлуката, а чие покренување е потпишано во 2004 година, на крајот ќе бидат применети.
Арбитражниот договор го реши прашањето за блокадата, рече Пахор, додавајќи дека блокадата на Хрватска на патот кон ЕУ од Словенија била единствениот инструмент за решавање на проблемот со Хрватска.
Хрватска е на петтото место меѓу најважните надворешно-трговски партнери на Словенија, а годишната трговска размена изнесува пет милијарди евра.
Претседателот Пахор денеска се сретна со хрватскиот премиер, претседателот на хрватскиот Сабор, а утре заедно со хрватскиот претседател Милановиќ ќе учествува на Хрватско-словенечкиот економски форум.