Босна и Херцеговина го одбележува Денот на независноста / Photo: AA

Во Босна и Херцеговина денес се одбележува Денот на независноста. Босна и Херцеговина на тој ден, со волјата на мнозинство граѓани, ја донесе одлуката за осамостојување од Социјалистичката Федеративна Република Југославија.

Референдумот за независност на Босна и Херцеговина се одржа по препорака на Арбитражната комисија на Меѓународната конференција за Југославија, во завршна фаза од распадот на поранешна СФРЈ. Одржан е на 29 февруари и 1 март 1992 година и ја одбележа посветеноста на граѓаните за иднината на државата, а воедно беше и вовед во војна.

Полнолетните граѓани на Социјалистичка Република Босна и Херцеговина гласаа за независноста на Босна и Херцеговина, на референдумот на кој единственото прашање беше:

„Дали сте за суверена и независна Босна и Херцеговина, држава на рамноправни граѓани, народи на Босна и Херцеговина, Муслимани, Срби, Хрвати, припадници на други народи кои во неа живеат?“ Независноста ја поддржаа воглавно Бошњаци и Хрвати, додека поголемиот број Срби го бојкотираа референдумот поради повикот на СДС, Србите да не гласаат на референдумот. На референдумот гласаа вкупно 2.073.568 гласачи што претставуваше излезност од 63,6 отсто. Од вкупната излезност на референдумот, 99,7 отсто гласаа за независноста, а 0,3 отсто против таа одлука. Резултатите од референдумот прифатени се на 6 март истата година во Парламентот на Босна и Херцеговина.

Указот за прогласување на законот со кој 1 март се прогласува за Ден на независноста на Босна и Херцеговина и државен празник го потпиша претседателот на Претседателството на Република Босна и Херцеговина Алија Изетбеговиќ на 6 март во 1995 година, точно три години откако Републичката изборна комисија на Социјалистичка Република Босна и Херцеговина ги потврди резултатите на референдумот за одредување на статусот на Босна и Херцеговина.

Претходно, Законот за 1 март го донесе Собранието на Република Босна и Херцеговина, на 28 февруари во 1995 година. Но, врз основа на овој акт денес Денот на независноста се одбележува само во еден дел на територијата на Босна и Херцеговина, односно во Федерацијата на Босна и Херцеговина.

На 28 февруари 1995 година, Собранието одлучи да се слави 1 март како Ден на независноста на Босна и Херцеговина. Денот на независноста за прв пат беше одбележан на 7 април 1995 година. Европската економска заедница го призна овој ден како Ден на независноста на Босна и Херцеговина. Власта во босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска го оспорува овој ден, и тој поради тоа се слави само во Федерацијата на Босна и Херцеговина.

Одбележувањето на 1 март - Денот на независноста на Босна и Херцеговина почна утрово со подигање на државното знаме на сараевскиот рид Хум, со интонирање на државната химна.

На свеченоста, помеѓу останатите, присуствуваа членови на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ. На свеченоста присуствуваа и претставници на сите нивоа на власта и граѓани. Делегациите на сите нивоа на властите денес со молитва и положување на цвеќе на Шехидските гробишта Ковачи во Сараево, по повод 1 март - Денот на независноста на Босна и Херцеговина, оддадоа почит на шехидите (мачениците) и првиот претседател на Република Босна и Херцеговина Алија Изетбеговиќ.

Меѓу присутните беа и членовите на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ. Во рамките на одбележувањето на Денот на независноста на БиХ, членовите на Претседателството, Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ организираат прием. Денот на независноста на БиХ ќе се одбележи и во Меморијалниот центар Сребреница во Поточари.

TRT Balkan / агенции
Популарни