Брисел: Вучиќ и Курти ја усвоија Декларацијата за исчезнатите лица / Photo: European Commission/NEWSROOM

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти во Брисел со посредство на Европската унија ја усвоија Декларацијата за исчезнати лица.

Декларацијата за исчезнатите лица беше првата точка од дневниот ред на состанокот на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Џозеп Борел, со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Мирослав Лајчак.

На веб-страницата на Европската унија беше објавено дека лидерите ја потврдиле важноста од решавањето на судбината на преостанатите исчезнати лица, со цел да се стави крај на страдањата на нивните најблиски и да се промовира трајно помирување и мир. Нагласено е дека двете страни го препознаа прашањето на исчезнатите лица како хуманитарно и ја истакнаа итната потреба од дополнителни заеднички напори за ублажување на состојбата на настраданите семејства и пошироката заедница.

„Тие ја препознаа важната работа што ја направи Работната група за исчезнати лица, со која претседава Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Во знак на заедничката определба да обезбедат целосно спроведување на обврските во областа на исчезнатите лица, тие ја усвоија Декларацијата за исчезнати лица“, наведуваат од ЕУ.

Тие, исто така, ветија дека ќе се договорат за оперативните детали на следниот состанок за дијалогот за нормализација поддржан од ЕУ на ниво на главни преговарачи.

Од 6.065 случаи на исчезнати лица во периодот од 1 јануари 1998 до 31 декември 2000 година, 1.621 останале нерешени.

Повеќе од дваесет години подоцна, нивните семејства продолжуваат да живеат во тага, не знаејќи каде се нивните најблиски. Семејствата имаат право да ја знаат судбината на своите роднини, како и општеството во целина.

Решавањето на проблемот со исчезнатите не е само хуманитарна обврска. Тоа е и клучен фактор за помирување и доверба меѓу луѓето. Стана итно да се осигура дека процесот на идентификација на местото на погребување ќе заврши што е можно поскоро. Спомените избледуваат, а поединците, местата и настаните се потешки за истражување.

Затоа, ЕУ го поздравува прифаќањето на декларацијата и очекува страните да постигнат опиплив напредок во завршувањето на отворените случаи на исчезнати лица и исполнувањето на нивните обврски кон семејствата.

Заедничкиот комитет за следење, со кој претседава ЕУ, кој го надгледува спроведувањето на Договорот за патеката за нормализација меѓу Косово и Србија и неговиот анекс за имплементација, редовно ќе го разгледува постигнатиот напредок.

Состанокот на високо ниво во Брисел почна нешто по 18 часот. Во најавата за средбата, ЕУ наведе дека на дневен ред ќе биде презентација и дискусија за првиот нацрт на статутот на Асоцијацијата/Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово.

TRT Balkan / агенции
Популарни