Претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ денеска изјави дека парламентарното мнозинство е стабилно и убедливо и дека нема политичка криза.Според Брнабиќ мора да се најде начин за дијалог.
Брнабиќ во телевизиско гостување изјави дека би било демократски да се распишат избори бидејќи, како што наведе, парламентарната опозиција веќе нема легитимитет, но додаде дека во моментов прашање е дали изборите ќе решат нешто и ќе создадат подобра состојба во општеството.
Таа изјави дека по оставката на премиерот Милош Вучевиќ, следен чекор е Собранието да ја потврди таа оставка и дека од тој момент тече рокот од 30 дена за формирање на нова влада или за распишување избори.
„За десет дена ќе знаеме дали ќе одиме на нови избори или претседателот на Србија ќе предложи нов мандат. Парламентарното мнозинство е сигурно, стабилно и убедливо и нема политичка криза. Она што мораме да го решиме заедно е кризата на дијалогот што не постои во општеството“, рече Брнабиќ.
Таа го цитираше шефот на пратеничката група на СНС, Миленко Јованов, дека блокадите и пленумите почнале како напад врз власта и обид за промена на власта и дека имало промена во опозицијата и додаде дека парламентарната опозиција повеќе не застапува никого.
Според неа, оставката на премиерот Милош Вучевиќ е чесен и одговорен потег и сосема невообичаен во политиката, дури и во многу поразвиените демократии.
Брнабиќ потсети дека оставка поднел и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, на кој како што рече му се восхитува како личност.
„Човекот кој по трагедијата во Нови Сад со петнаесет загинати ги посети сите семејства, разговараше со сите, беше лично на секој од тие погреби, еден од погребите беше во Скопје. Човек кој навистина покажа човечка одговорност и со го слушнав вчера, големиот, добар градоначалник на Нови Сад“, рече таа.