Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека донела одлука да ги прифати барањата на опозицијата собрана околу коалициите Србија против насилство и НАДА и сите преостанати локални избори и изборите во Белград да се одржат на 2 јуни.
Таа рече дека локалните избори ќе бидат распишани во недела.
Брнабиќ на прес-конференција во српското Собрание рече дека за тоа е потребна измена на членот 35 од Законот за локална самоуправа и оти очекува тој закон да биде усвоен во сабота, за да се распишат избори.
„Очекувам дека овој предлог за измена на законот за локални избори ќе биде потпишан од најголемиот број пратеници досега, дека ќе одиме заедно со овој предлог и дека ќе го покажеме тоа единство во тешки времиња за Србија, за нашиот народ и за сите наши граѓани“, рече таа.
Брнабиќ рече дека оваа одлука ја донела во консултација со претседателот Александар Вучиќ и дека неговата порака е дека стабилноста е најважна за земјата.
Таа оцени дека опозицијата добила речиси се што сакала, но дека власта покажала сериозност и им се заблагодари на сите од опозицијата кои сакале да учествуваат во дијалогот.
„Мислам дека ова е начин да се постигне таа стабилност и да се продолжи вака, а воедно да се покаже на сите наши граѓани дека сме сериозни и одговорни луѓе. Верувам дека ќе има многу кои ќе кажат дека добиле се што побарале, дека победија, дека реагираме само на притисок, верувам дека ова е победа за сите оние кои покажаа сериозност и дека затоа е уште поважно“, рече Брнабиќ.
Таа посочи дека е важно што постигнале договор.
„Едвај чекам заедно да го потпишеме овој закон. Ќе биде убав преседан заедно да гласаме за овој закон“, рече Брнабиќ и додаде дека е важно да се покаже дека е можно да се разговара со оние што не размислуваат исто.