Огромен раст на цените на огревното дрво е забележан во сите земји во регионот. Во некои држави, споредено со минатата година, поскапувањето е 50% додека во други цените се двојно зголемени.
Поскапите енергенси, струјата и гасот придонесоа за тоа многу домаќинства повторно да се вратат на дрвото за загревање на нивните домови. Зголемената побарувачка, поради енергетската криза, извозот во европските земји и желбата за поголем профит на снабдувачите со дрво пак диктираше недостиг на пазарот и повисоки цени кои најчесто се вештачки креирани. Дивата сеча, незаконската продажба и нерегулираниот пазар исто така креираат цена која е далеку од реалната.
Кубик дрва во Северна Македонија близу 100 евра
Цената за еден кубик дрва во Скопје брзо се менува. Во зависност дали се работи за внатрешноста или во главниот град цените кај приватните снабдувачи се движат во голем број случаи од 4.500 до 5.500 денари (од 75 до 95 евра). Во внатрешноста на Северна Македонија може да се најде и поевтино дрво, но цената не отскокнува многу. Пазарот се соочува и со недостиг на дрва што дополнително ја зголемува цената и внесува паника кај граѓаните.
Ова е за 20 до 40 евра поголема цена од онаа одредена од претпријатието надлежно за одредување на условите на пазарот. Според „Национални шуми” цената на еден кубик даб е 3.444 денари или околу 55 евра. Министерството за животна средина допрва ќе собира информации кој дозволил граѓаните да плаќаат драстично поскапа цена.
„Очекувам информација од инспекторатот и од Јавното претпријатие да не информира зошто цените се волку скапи”, изјави пред неколку дена министерот за животна средина Насер Нуредини.
Одредени општини одлучија да ја субвенционираат набавката на дрва со 500 денари или околу 8,5 евра по кубик.
„Србија шуми” и слободниот пазар со различни цени
Слична е ситуацијата во Србија. И таму цените на пазарот се драстично поголеми од оние кои ги има одредено претпријатието „Србија шуми”.
Ако купувате дрва преку ова претпријатие во Србија ќе треба да платите 4.000 динари или околу 34 евра. Ако пак купувате дрва од други доставувачи цената е двојна и изнесува и до 8.000 динари или близу 70 евра.
„За осум години цените во „Србија шуми” се зголемени за само пет отсто. Кај нас цената е двојно помала отколку на друго место. Тука влијае и превозот и други фактори. Итно мора да има ограничување на цената за кубик дрва”, изјави деновиве во медиумите директорот на „Србија шуми” Игор Брауновиќ.
Големо поскапување и во БИХ
Федералната влада на Босна и Херцеговина имаше неколку одлуки за одредување максимална цена за огревно дрво. Една од тие беше донесена во јули и според неа цената за кубик требаше да се движи 100-120 конвертибилни марки (50-60 евра). Сепак во октомври нерегулираниот пазар придонесе цената за еден кубик дрва да достигне 165 конвертибилни марки (околу 82,5 евра).
Во споредба со минатата година граѓаните за да ги задоволат нивните потреби издвојуваат и суми кои се и до 150% повисоки. Цените и натаму продолжуваат да растат.
Цената за кубик дрва во Подгорица достигна 75 евра
Во главниот град на Црна Гора според последните статистички податоци има 57.000 домаќинства. Од нив 30.000 се греат на дрва. Од приватните снабдувачи тие купуваат дрва за 75 евра. Цената на чинење на еден кубик и во Подгорица неколкупати е зголемена. Во внатрешноста дрвата се продаваат по 65 евра за кубик.
Пазарот не е регулиран и набавките главно се од приватни доставувачи. Црногорското претпријатие за стопанисување со шумите за граѓаните од руралните средини обезбедило 62.000 кубни метри дрва. Цената на чинење е девет евра и таа не e променета од 2013 година.
Двојно зголемување во Албанија и Косово
Во Албанија цената на чинење на еден кубик дрва достигна од 6.500 до 7.500 леки или од 57 до 64 евра. Тоа е големо поскапување во споредба со цените кои беа минатата година од 3.200 до 4.500 леки односно од 27 до 34 евра.
Во Косово кубен метар дрва чини од 70 до 80 евра. Со тенденција на некои места во Приштина да достигне цена од 100 евра. Поскапувањето е огромно со оглед на тоа дека минатат година цената била од 30 до 35 евра.