Чавушголу во Белград: Балканот да ја презеде контролата над својата судбина       Фото: АА

Министерот за надворешни работи на Туркије Мевлут Чавушоглу на денешниот Самит на иницијативата Отворен Балкан во Белград, истакна дека е време регионот „својата судбина да ја земе во свои раце“.

Потсетувајќи дека Балканот низ својата историја беше отворен за различни влијанија поради својата географска положба, турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу укажа на значењето на регионалната балканска политика.

„Секогаш ја спомнувавме важноста на политиката на Балканот. Навистина, време е својата судбина да ја земеме во свои раце“, рече Чавушоглу и нагласи дека е особено ветувачка целта на иницијативата Отворен Балкан да овозможи слободен пристап на пазарот на трудот.

Размените на ученици и студенти, заеднички истражувачки проекти и признавањето на стручните сертификати исто така ќе ја задржи квалификуваната младина во регионот.

„Се надеваме дека ова ќе го реши проблемот на одливот на мозоци со кој Балканот се соочува“, рече турскиот министер и додаде дека „како еден од најголемите инвеститори во регионот, веруваме дека тоа ќе поттикне и директни странски инвестиции“.

Шефот на турската дипломатија потсети дека војната на Русија и Украина е повик за будење.

„Војната во Европа е повик за будење. Гледаме колку сме ранливи на разни шокови. Зимата доаѓа. Енергетската и прехранбената сигурност станаа вообичаени предизвици. Не постои друг рецепт освен солидарност“, рече Чавушоглу.

Тој истакна дека како Туркије, „продолжуваме да даваме се од себе за непречена имплементација на Договорот за извозот на украинското жито, кој е постигнат во Истанбул со посредство на Туркије“.


„Даваме се од себе да им помогнеме на нашите балкански соседи да ги обезбедат своите потреби за гас во зимата“, рече Чавушоглу и додаде дека „војната ја потврди важноста од заедничко вложување во обновливи извори на енергија и интеграција на пазарот на електричната енергија и гас“.

„Иницијативата Отворен Балкан ја гледаме како мост помеѓу Балканот и Европската Унија (ЕУ). Во минатото проширувањето беше меѓу најуспешните политики на ЕУ. Но, ЕУ се срвте кон внатре и тесните политички интереси ја киднапираа програмата за проширување. Никој не може да понуди добро објаснување зошто Северна Македонија и Албанија чекаа толку долго. И, честитаме на двете [држави] за почетокот на пристапните преговори“, рече Чавушоглу.

Министерот за надворешни работи на Туркије рече дека војната во Европа сите ги потсети на важноста од проширувањето на ЕУ. Чавушоглу изрази надеж дека искуството на Северна Македонија и Албанија во врска со пристапните преговори ќе биде поинакво од искуството на Туркије.


„Не сакам ниту да зборувам за тоа како членството на Туркије е политизирано поради тесни интереси. Се надеваме дека иницијативата ќе ја забрза европската интеграција на регионот и се надеваме дека уште повеќе земји ќе се придружат на иницијативата Отворен Балкан. Сетете се дека седиме заедно за иста маса во рамките на SEECP повеќе од 25 години. Иако низ ова иницијатива во сопственост на Балканот има многу работи за постигнување, остануваат два предизвици. Првин, политичката криза во Босна и Херцеговина. Претседателот Реџеп Таип Ердоган следната недела ќе ги посети Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска. Моменталната ситуација во Босна и Херцеговина ќе биде на врвот на нашиот дневен ред“, нагласи Чавушоглу и додаде:

„Не можеме да дозволиме уште еден судир во срцето на Балканот.“

Говорејќи за вториот предизвик, Чавушоглу го наведе процесот на дијалогот на Белград и Приштина.

„Договорот за лични карти ја покажува заслугата да се фокусираме на нашите заеднички интереси, а не на разликите. Туркије има отворена комуникација со двете страни. Ќе продолжиме да поттикнуваме дијалог за постигнување договор за таблички на возилата и други преостанати прашања. Некои можат да мислат дека Туркије е аутсајдер или ривал. Ова е потполно погрешно, бидејќи, ние сме Балкан и на тоа сме горди“, порача Чавушоглу.


Турскиот министер ги отфрли вештачките поделби на Балканот.


„Ги отфрламе вештачките поделби. Поделбата на Балканот на Запад или Исток нема да ги реши нашите проблеми, ниту ќе му служи на било кого. Балканот треба да ја презеде контролата над својата судбина. Би требале да ги отстраниме бариерите на растот. Би требало да напредуваме заедно. Како и секогаш, ќе продолжиме да поддржуваме секаков напор за доброто на нашиот регион“, заклучи Чавушоглу.


Во Белград денес се одржува Самитот на лидерите на Отворен Балкан, на кој освен членките на иницјативата Србија, Северна Македонија и Албанија, присуствуваат и претставници на Туркије, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Унгарија.


AA
Популарни